Едукативно-забавен портал на Град Прилеп

10bez10.com

34°

Временска прогноза

34° 16°02.07 / Нед
16° 15°03.07 / Пон
20° 16°04.07 / Вто
28° 15°05.07 / Сре
29° 16°06.07 / Чет
31° 17°07.07 / Пет
32° 19°08.07 / Саб

Банкометар

Банкометар

10bez10.com

Содржина

Содржина

Најстарите траги од животот на луѓето на просторот на Прилеп им припаѓаат на неолитскиот, енеолитот и бронзениот период. Со realiziranite голем број на археолошки истражувања пронајдени се остатоци од населби од железниот период и понатаму се следи развојот на овој простор низ целиот подоцнежен архајски и антички период, преку средновековието до турскиот период и поновото време.

Прилеп - Потекло на името - 015 0011

Познати локалитети од периодот на неолитот се: Пештерица, Чука (Тополчани), Врбјанска Чука, Градиште (Дебреште), Али Чаир, од енеолитот Бакарно гумно (Чепигово), Крушеанска Чука, Трештена Стена (Манастир), од бронзениот и железниот период Три дабици (Крушевица), Светец Варош, Касарни и други. Од античкиот период се: Стибера, Сурун, Испраена плоча и Тумба (Горно Село), Калдрма и Поткули (Варош), Ридот (Мажучиште) и други.

Некогаш стратегиски и економски моќниот средновековен град Прилапон, како што го споменува византискиот император Василиј II, а подоцна со право нарекуван и Марков град, денес егзистира како периферија на новиот Прилеп.

Средновековниот град бил изграден на едно возвишение што доминира над пределот. Таму каде што природата не ги затворила пристапните места, човекот доградил високи ѕидови и масивни кули и на тој начин направил тешко освоива тврдина. На највисоката точка бил издигнат најутврдениот дел од средновековен Прилеп, горниот град. Под тоа орловско седело, на градските тераси и на други површини биле изградени куќи, цркви, како и други објекти.

Името на градот Прилеп ( Прилапон ) било предмет на интерес на повеќе ономастичари и за неговото потекло се искажани различни мислења. Петар Скок. основата на името Прилеп го доведува во врска со старословенскиот глагол со значење ,,лепи”, имајќи го предвид тука пред сe, видот на населбата во која куќите биле ѕидани на тој начин така што се добивал впечаток дека тие биле залепени една до друга. Во старословенскиот речник на Миклошиќ е забележан  сличен збор со значење на “фластер “. И други научници се занимаваат со името на Прилеп, како што се ономастичарите А. Селешев, В. Шмилауер и С. Роспонд. Името на градот Прилеп може да е добиено со топонимизација на географскиот термин “прилеп” со старословенски значење блатно, мочурливо место, место покрај блато.

Името на средновековниот град Прилеп било пренесено на населбата што подоцна, во турско време, била изградена на оддалеченост од неколку километри од местото каде првобитно лежел градот. Денес, остатоци од некогашниот средновековен град се наоѓаат на локалитетот Маркови Кули и во приградската населба Варош, која всушност води потекло од прилепскиот подград.

Движењата на варварските словенски племиња завршиле со населување на племето Брсјаци во плодната рамница Пелагонија. Од VII до IX век Македонија била поприште на војувања меѓу Византија и Бугарското царство за господарење на таа територија, со променливи резултати и со периодични пресврти во корист на еден од ривалите. Тешко е да се тврди дали во тие времиња тврдината Прилеп функционирала. За тоа недостасуваат конкретни материјали од тоа време.

Од овој период се двата монолитни камени столбови од тремот на црквата во манастирот “Св. Архангел Михаил” во Варош. На едниот од нив е врежан вториот по старост словенски запис со кирилски букви од 996 година.

До почетокот на XI век за Прилеп нема никакви познати податоци од пишани извори. Во византискиот “Сигилионум” на императорот Василиј II (976-1025) од 1018 година, Прилеп првпат се споменува како тврдина Прилапон. Градот и тврдината исто така се споменуваат и во Кратката историја на современикот на цар Самоил, византискиот писател Јован Скилица.

Во текот на XI и раниот XII век преку откриените археолошки наоди може да се следи доселувањето на припадници на несловенски групи во Прилеп од разни делови на Византија, со што настанува мешање на новодојденото население со староседелците. Тоа било причина во текот на XII век да се појават првите зачетоци на византиски Прилеп.

По распаѓањето на Византиското царство во 1204 година, Прилеп е освоен од бугарскиот цар Калојан (1197-1207), а по неговата смрт како негов господар се појавува македонскиот властелин Стрез, самостоен владател на поголема територија со седиште во Просек. По ненадејната смрт на Стрез во 1214 година,   Прилеп како и некои други градови во Западна Македонија биле освоени од деспотот на Епир, Теодор Комнен (1214-1224). Во 1230 година по битката кај Клокотница помеѓу бугарската и епирската војска и по поразот на епирците, Прилеп потпаѓа под бугарска власт до 1241 година. После смртта на царот Иван Асен II (1218-1241), Прилеп повторно бил завземен од епирскиот деспот Михаил Ангел II (1237-1271), сe до 1254 година, кога градот преминал под никејска власт т.е. под возобновената Византиска империја.

Во 1334 година Прилеп потпаѓа под српска власт. За средновековниот Прилеп најмногу податоци има од времето на владеењето на српскиот крал, а подоцна цар Душан (1331-1355). Значајни извори во тој поглед претставуваат трите Душанови повелби - грамоти дадени на манастирот Трескавец.

Во 1350 година, како Душанов жупан во градот Прилеп се споменува името на властелинот Волкашин. По битката кај Марица во 1371 година против турците, загинува Волкашин. Него го наследува неговиот син Марко, легендарен јунак за кого за жал, има скудни податоци. Се знае дека Марко бил турски вазал кој учествувал во битката на Ровине против влашкиот војвода Јован Мирче во 1395 година, каде што и загинува.

Пред тоа, во 1385 година за време на султанот Мурат I (1362-1389) Прилеп потпаѓа под турска власт. Со смртта на Крали Марко завршува средновековната историја на Прилеп.

Турското присуство во Македонија, а со тоа и во Прилеп, во траење нешто повеќе од пет векови, оставило траги кои што и денес сведочат за тој период. Македонскиот народ за целиот период на турското владеење давал отпор поради грубите национални и верски понижувања од страна на поробувачите на разни начини, преку ајдутство или дигање на буни и востанија. Во средината на XVI век, во 1564/65 година е дигната познатата Прилепско - мариовска буна. Во неа учествувале повеќе од 1000 борци. Но, поради помногубројниот и подобро вооружен турски аскер буната била крваво задушена.

Значајни податоци за Прилеп во XVII век оставиле турските патописци Хаџи Калфа, Евлија Челебија и други. Евлија Челебија во 1668 година споменува дека во градот имало 1000 куќи и 200 дуќани. Поголемиот број од жителите на градот се занимавале со изработка на играчки и ножеви.

Во своето патување низ Прилеп во 1807 година, францускиот конзул Анри Пуквиљ забележал дека градот имал 1000-1100 куќи и дека водел трговија со жито, волна и добиток. Според него Прилепскиот панаѓур бил еден од најголемите во Румелија и траел 25 дена.

Во средината на XIX век во Прилеп доаѓа до брз развој на занаетчиството и трговијата. Со стопанскиот развој се зголемувал и бројот на жителите: во 1836 година Прилеп имал 6-7000 жители, во 1868 година имал 15-20 000 жители, а во 1890 година 26674 жители. Економското зајакнување на градот поволно се одразило врз културниот развој и овозможило напредок на учебното дело. Во 1843 година во Прилеп било отворено првото народно училиште “Св. Кирил и Методиј”. Најголем придонес за развој на просветната дејност имале македонските преродбеници кои биле учители во Прилеп: Димитар Миладинов, Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Кузман Шапкарев, Јосиф Ковачев и други. Марко Цепенков (1829-1920) е познат преродбеник од Прилеп. Собирал народни песни, приказни, поговорки, верувања, обичаи, басни, соништа и сл. од прилепскиот крај. Неговото дело е печатено во повеќе томови.

Во 1865 година во Прилеп било отворено и Првото женско училиште, кое од 1880 година било сместено во новоизградена зграда во дворот на црквата “Св. Благовештение”. Во 1867 година во градот работело читалиште со библиотека, забавиште за мали деца и неделно училиште за возрасни, а во 1874 година била отворена еден вид на учителска школа. Во 1879 година бил организиран црковен хор раководен од Атанас Бадев (1860-1908), ученик на Николај Римски Корсаков и автор на композицијата “Златоустова литургија” . Во 1887/8 година прикажана е првата театарска претстава во салонот на женското училиште.

Во борбите за национално ослободување на Македонија во втората половина на XIX век, градот Прилеп одиграл значајна улога. Во прилепско во тој период дејствувале неколку чети предводени од Спиро Црне, Диме Чакре, Коне Павлов и други.

Од Илинденскиот период, крајот на XIX и почетокот на XX век, најистакнати револуционерни дејци од Прилеп биле Ѓорче Петров (1864-1921), Пере Тошев (1865-1912), Петре Ацев ( - 1939), Никола Каранџулов (1876-1904) и други.

Во големата Илинденска епопеја прилепскиот крај претставува значаен револуционерен центар. Во 1903 година на врвот Маргара кај село Чаниште во Мариово, се случила една од најголемите битки помеѓу турскиот аскер и здружените чети предводени од Ѓорче Петров.

Во текот на Балканските војни (1912-13 година) во прилепскиот регион се водат жестоки борби. По поразот на Турците и нивното протерување од Македонија, Прилеп се нашол во составот на кралството Србија. Поради близината на Солунскиот фронт, крајот на Првата светска војна (1914-1918 година) Прилеп го дочекал ограбен и економски исцрпен. По нејзиното завршување градот влегува во рамките на Кралството СХС, подоцна наречено Кралство Југославија. Новата држава не ги исполнила очекувањата на населението. Новите господари започнале со поголеми економски, социјални и национални угнетувања. Од друга страна ширењето на идеите на големата Октомвриска социјалистичка револуција во Русија довеле во 1919 година во Прилеп да се формира Комунистичка партија, што ќе услови во градот да се пројави жива револуционерна активност меѓу двете светски војни.

Прилеп под фашистичка окупација потпаднал во април 1941 година. На 8 април таа година во градот влегла германската фашистичка војска, а на 26 април влегла бугарска војска. Уште од првите денови на окупацијата се појавил општонароден отпор организиран од Комунистичката партија, која го подготвила и Првиот партизански одред. Како разултат на тоа, со првиот истрел на 11 октомври 1941 година при нападот на Участокот отпочнало востанието на македонскиот народ за ослободување од фашистичкиот окупатор.

Во Прилеп за цело време на НОВ делувала и раководела партиската организација, а исто така се чувствувало силно влијание на СКОЈ (Сојуз на Комунистичка Омладина на Југославија), Народна помош и АФЖ (Антифашистички фронт на жените). Илегалната партиска техника која била организирана уште пред војната постоела и за време на окупацијата и издавала летоци, Билтен, Радиобилтен, а подоцна и весникот “Народен Глас” . Градот бил ослободен на 9 септември 1944, а конечното ослободување е на 3 ноември истата година. Во текот на НОВ од Прилеп и прилепско од 8000 учесници, активни борци со оружје в рака биле 2700. Од нив 650 се загинати, 15 прогласени за Народни херои (10 загинати во НОВ) и 154 носители на “Партизанска споменица 1941” . 

За се она што градот Прилеп го направил за време на НОВ, со Указ од 7 мај 1975 година од страна на Претседателот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Јосип Броз Тито го добива орденот ,,Народен херој”.

По завршувањето на Народноослободителната и антифашистичка војна, Прилеп во рамките на Југославија доживува силен економски и културен подем. Градот од помала и неразвиена градска населба прерасна во индустриски центар, што доведува до негов напредок во сите сфери. Особено значаен е како центар на тутунската индустрија.

Прилеп - Потекло на името - panorama-bidzho

Од 1991 година Прилеп се развива во самостојна Република Македонија и во него живеат 67 371 жители. Покрај брзиот економски развој, градот достигнува висок стандард на образовен, културен, научен, здравствен и спортски план.

Како образовни установи постојат голем број основни училишта, средни стручни училишни центри и Гимназија. Во 1960 година основана е Виша економска школа, која во 1974 година прераснува во Економски факултет во рамките на Битолскиот универзитет.

Почнувајќи од 1965 година во Прилеп секоја година се одржуваат театарските игри “Војдан Чернодрински”. Оваа манифестација претставува смотра на најдобрите остварувања на професионалните театри во државата. Во село Долнени од 1974 година се одржува Меѓународниот фестивал на народни инструменти и песни, кој од 1996 година го носи името “Пеце Атанасоски” според доајенот на македонскиот фолклор.

Секако најзначајна личност од областа на просветата и науката е Блаже Конески, роден во село Небрегово (1921-1993). Професор на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” - Скопје, плоден книжевник и лингвист, добитник на голем број награди и признанија, прв претседател на МАНУ, автор на Граматиката и Историјата на македонскиот литературен јазик. Блаже Конески со право го носи епитетот основоположник на современиот македонски јазик.

Коментари

Коментари

Реклама