Едукативно-забавен портал на Град Прилеп

10bez10.com

31°

Временска прогноза

31° 18°21.08 / Вто
24° 17°22.08 / Сре
25° 15°23.08 / Чет
24° 15°24.08 / Пет
24° 15°25.08 / Саб
25° 17°26.08 / Нед
25° 15°27.08 / Пон

Банкометар

Банкометар

10bez10.com

Содржина

Содржина

Борче Тодоровски е човекот што пред 20 години работел во печатницата „11Октомври“ во Прилеп и ги осмислил првите македонски пари, а претходно го направил и статерот со ликот на Александар Македонски, поради што мислел дека ќе заврши в затвор. Тогаш Тодоровски имал 30 години, но малку се знае за него. Во статиите што подоцна ги пишуваат сведоците на настаните од 1992 година, кога се испечатиле првите македонски банкноти, неговото име бегло се споменува.

Борче Тодороски - denarmaker

Откако во празничниот број на „Утрински весник“ излезе текст, кој опфати три приказни за случувањата од монетарното осамостојување од 1992 година, а во него Борче беше само младото момче кое имало неколку дена да ги осмисли парите, по празникот господинот Тодоровски сам се јави во нашата редакција за да ја раскаже својата приказна.

Тој вели дека по малку е револтиран што неговото име не се споменува многу, а всушност тој е човекот што го понел најголемиот товар во изработката на македонските денари. Пред да почне печатењето во јануари 1992 година, бил затворен во својот стан и деноноќно работел на осмислување на првите пари, а за тоа не смеел да им каже ни на жената, ни на децата.

„Точно е дека времето беше кратко за осмислување на боновите од аспект на дизајн, но друг избор немаше. Јас по наредба на гувернерот, работев дома во мојот стан, 24 часа под клуч, никој да не види и никој да не разбере. Работев 20 дена по цела ноќ. Но, желбата да се успее беше преголема. Барем, така ми велеше гувернерот, дека имаме историска шанса да ги изработиме првите македонски пари.Една вистинска анегдота остана од тој период. Јас за сето време во тие дваесет дена дури и од жената и од децата криев дека цртам пари и кога на два-три пати ме открија соседите, и видно вознемирени ме прашаа зошто се заклучувам и што толку тајно работам, јас кажував дека цртам бонови за бензин, а тие на тоа велеа: „Не прави будали од нас, ние знаеме како изгледаат бонови за бензин, туку Македонија се подготвува за своја валута‘“, вака ја започнува својата приказна Тодоровски.

Откако биле осмислени првите македонски пари се пристапило кон печатење, тоа се случило на 15 јануари 1992 година во Прилепската печатница „11 Октомври“, но Тодоровски додадов дека ни после добро завршената работа не можел да се опушти. „И покрај задоволството од брзо завршената работа, сепак не можев да се опуштам и израдувам, бидејќи претходно врз директорот на Прилепската печатница Сашо Зафировски и врз мене, како втор соучесник, беше вршен огромен притисок дека ќе завршиме во „Иризово“, поради печатењето на статерот со ликот на Александар Македонски, кој го направивме претходно во печатницата“, вели Тодоровски.

Тој додава дека не само што ги осмислил првите македонски пари, кои се нарекуваа бонови, туку и вторите, оние што се нарекуваа денари, а кои беа пуштени во оптек во мај 1993 година. Тие исто така се печателе во Прилепската печатница, по негов дизајн. „За разлика од боновите, овој пат се работеше многу подолго и многу потешко. Во тој период имаше и доста притисоци од наши еминентни уметници за нивно вклучување во работата, во смисла дека јас не можам да ги изработам денарите, или пак, да ги работам по нивни препораки и насоки. Јас во ниеден момент, полн со ентузијазам, не размислував дали ќе бидам награден за тоа.

На сето тоа гледав како на човечка и работна обврска спрема мојата фирма и спрема нашата држава. Но, и покрај притисоците од страна, имав голема поддршка од гувернерот Борко Станоевски, од директорот и од колегите во печатницата ’11 Октомври‘. Ваква работа сепак се прави тимски“, објаснува Тодоровски.

Кога и новите денари биле пуштени во оптек, мислењата биле поделени, но кај повеќето превладувало воодушевување.

Тодоровски вели дека и критиките ги следел внимателно, но краткото време но, и фактот што не бил специјалист за изработка на пари, го натерале да се прилагоди на брзите потреби.

„Посебно ќе ми остане во сеќавање, кога неколку пати морав да заминам во Словенија и таму да ги цртам сликите за водените жигови кои се вметнуваа во самата изработка на хартијата. Само јас знам што тогаш чувствував, воден од мислата дека се' треба да биде во ред и доколку не успеам, подобро да не се враќам назад.

За среќа се испадна како што треба и работата беше успешно завршена. Со цел повеќе да навлезам во тајните на гравурата, додека работев на денарите, упорно ги цртав и сите странски валути, марките, доларите, фунтите“, раскажува Тодоровски.

Сега, по речиси дваесет години, тој вели дека ниту тогаш ниту сега не успеал да се израдува на сето тоа што го правел со толкав ентузијазам и енергија, а од друга страна, пак, бил под постојан притисок на краткото време, но и на критичарите кои имале време да ловат грешки.

Тодоровски, сепак, е среќен што учествувал и ја имал таа чест да ги нацрта првите македонски пари, за кои вели дека изработил десетици решенија, а на крајот биле прифатени, за 10 денарката, аверс со „споменик на Македониум -Крушево“, и реверс „мотив од Крушево“, за 20. денари - аверс со „Даут Пашин Амам“, реверс „Саат кула-Скопје“, за 50. денари аверс „Св. Пантелејмон-Скопје“, а реверс зградата на старата Народна банка на Македонија, за 100 денари аверс со „Св. Софија-Охрид“, а реверс Народен музеј -Охрид, 500 денари со аверс „Св.Јован Канео-Охрид, реверс Самоиловата тврдина - Охрид.

Овие банкноти беа во оптек се' до 1996 година, а после на конкурс за трета генерација на македонски пари, победила уметничката Билјана Унковска. Борче Тодоровски и Унковска одлично соработувале околу изработката на денешните денари. Тодоровски имал задача идеите на Унковска да ги претвори во вистински пари.

Трите апоени од 10, 50 и 100 денари се работеле во печатницата во Прилеп, а останатите апоени, од 500, 1000 и 5000 денари се печателе во Англија во печатницата „Де ла Ру Гиори“, каде што и Унковска и Тодоровски морале да присуствуваат поради усогласување на работата со англиските колеги.Борче Тодоровски како уметник-графичар до 2006 година бил дел од печатницата „11 Октомври“, а сега работи во својата мала печатница во Прилеп.

Тој вели дека никогаш нема да го заборави тој период од монетарното осамостојување, горд е што ги направил првите македонски пари иако затоа не му се припишуваат големи заслуги. Разговорот со „Утрински весник“ го искористи на сите граѓани да да им ја честита 20-годишнината од независноста на Македонија.

„На сите жители на Македонија сакам да им го честитам празникот 8 Септември. Најважно е што нашата држава доби свои сопствени пари, а за тоа имаат заслуга многу луѓе кои несебично дадоа голем придонес. Како поединци сме најмалку важни и никој не може да си ги припишува заслугите за себе. Големите дела ги прават повеќе луѓе“, порачува Тодоровски. 

Коментари

Коментари

Реклама