Едукативно-забавен портал на Град Прилеп

10bez10.com

-1°

Временска прогноза

-1° -7°13.12 / Чет
-3° -3°14.12 / Пет
15.12 / Саб
16.12 / Нед
17.12 / Пон
18.12 / Вто
-1°19.12 / Сре

Банкометар

Банкометар

10bez10.com

Содржина

Содржина

Исчезнува адетот на амкање варено јајце, врзано на конец, за празникот Поклади во Прилеп.

Амкањето јајце за поклади е адет што исчезнува во Прилеп - am-am

Се помалку млади ја одржуваат традицијата на своите предци.

Постарите велат дека младите не можат да се соберат дома вечерта на Поклади, се забавуваат, и нема со кого да се негува обичајот чија симболика е плодност, здравје и среќа.

Старите раскажуваат дека амкањето се правело навечер, кога тесното семејство ќе се соберело по целодневните прошетки во сурати и маски по роднините и комшиите и по испраќањето на блиските од визитите за простување.Даница Велкоска вели дека Поклади е празник на проштевање.

Обредот се негува во многу форми.

Додека внуците беа мали, им организирав амкање јајце врзано на конец, вечерта на празникот.Откако пораснаа, сите излегуваат и шетаат. Нема со кого да се одржува обредот. И син ми до пред некоја година успеваше на децата да им организира амкање - кажува Даница. За неа, тоа е најубавиот спомен од детството и младоста.

Бевме шест деца, беше забавно и интересно. Сите седнати на колена во собата по вечерата, татко ми на сукало врзуваше конопен конец, а на него варено јајце, без да го излупи. Почнуваше од најмалото дете да го ниша конецот со јајцето, да го лула кон устата, а, ние, децата викавме ам, ам, ам... Јајцето доаѓаше до усните, се смеевме, навивме, се охрабруваме еден со друг. Пробувавме да го фатиме кога ќе дојдеше редот. Имаше и по некоја дубара и марифети. Некој со раце си помагаше да го фати јајцето со устата. Сите се радуваме, ама тешко се лапнуваше, оти беше големо. Откако јајцето ќе се скршело, највозрасниот ја вадел варената жолчка и во половините од белката турал малку вода за сите учесници во амкалото да се напијат по некоја капка. Kонецот потоа се палел да се види каква е иднината на фамилијата. - Татко ми го палеше конецот со свеќа. Ако гори силно, здрава и среќна ќе биде годината. Палеше парчиња конец за сите поединечно. Така им правев и на моите деца и на внуците - се сеќава Даница.

 Епилог на ритуалот е прошката.

Се проштевавме сите деца меѓу себе, со родителите со поклонување до бакнување на подот. На крајот трипати ја изговаравме традиционалната прошка, „прости ми - простено нека ти е од мене и од Господ“. Пред легнување сите добивавме по некоја пара - кажува Даница. 

За Поклади или Прочка, седум недели пред Велигден, нужно е трпезата да е сервирана со сучена кора, млечни производи и секако баклава, кадаиф или араванија. Kорите се неизбежни оти владее легенда дека некое дете „пекало“ за кора и починало.

ИЗБОР НА НАЈСРЕЌНО ДЕТЕ

Амкањето е остаток од пообемен ритуал, вели етнологот од Заводот и музеј во Прилеп, Сашо Цветкоски, и додава дека со амкањето се прогласува најсреќното дете за следната година, кое добива награда.

Тоа е избор на среќник. - Некаде по обредот, на конецот, се врзуваат јазли, па тој се пали, да се види до каде ќе изгори. Секој јазол се нарекува по една стара жена од селото. Со тоа се гледа која ќе умре годинава. Дечињата говорат: „Гори Тацо, а тоа е името на јазолот, кој е на ред за горење, гори вештице“ - толкува етнологот Цветкоски.Обредот се негува во многу форми, како вртењето паричка за Василица, Бадник, Богојавление. Етнологот смета дека има и друго толкување на амкањето.

 Децата што амкаат ги претставуваат нашите мртви предци во демонска форма. Јајцето е седиште на душата. „Демоните“, амкачите, треба да ја фатат душата со своите заби. Тоа е народна претстава како демоните ги ловат душите на живите - вели Цветкоски.

Во секој народен ритуал со маски, се претпоставува дека нашите предци доаѓаат да помогнат за плодноста, односно за пролетното обновување на природата.

Дневник / Љупчо Мургоски

Коментари

Коментари

Реклама