Едукативно-забавен портал на Град Прилеп

10bez10.com

26°

Временска прогноза

26° 18°26.06 / Сре
24° 19°27.06 / Чет
25° 14°28.06 / Пет
20° 13°29.06 / Саб
20° 15°30.06 / Нед
23° 18°01.07 / Пон
27° 20°02.07 / Вто

Банкометар

Банкометар

10bez10.com

Содржина

Содржина

Владимир Мисев е политиколог, роден е 1980 во Прилеп. Завршил политички студии во Скопје на Правен Факултет. Магистерски студии завршил во Грац- Австрија од областа на Европски Студии.

Во 10без10 со Владимир Мисев - Во 10без10 со..

Од пред повеќе од една декада Владимир Мисев живее и работи во Скопје, а патува во земјите каде ОБСЕ ги извршува своите изборни набљудувачки мисии како дел од експертскиот тим. Колку отселувањето од Прилеп го сметате за природен феномен за сите политиколози и политичари кои сакаат да изградат сериозна кариера? Дали заминувањето од Прилеп за Вас беше лична определба или неопходност?

 - Повеќе случајност. На крајот од гимназиските денови донесов одлука да се запишам на политички студии, иако желбата за запишување се јави на почетокот од четврта година. Морам да признаам дека кога ја донесов одлуката немав вистинска идеја во што влегувам и која би била професијата со која ќе се бавам (затоа што политиколог е образование и праксата покажува дека мал дел од дипломираните политиколози продолжуваат да се занимаваат со политологија или политичка анализа).

Откако почнавме со факултет сфатив дека политички науки е доста поразлично е од тоа што сум го очекувал ама нејсе…. Исто така би рекол дека случајност беше мојот работен почеток во Институтот за демократија, на покана на Дане Талески, кој тогаш беше извршен директор. Од тогаш па до денес, некако работните ангажмани ме обврзаа да бидам повеќе присутен во Скопје отколку Прилеп.

Мислам дека може сериозна кариера да се направи од повеќе места во Македонија и тоа најмногу зависи од личниот ангажман на човек а во помала мера од средината, сепак Прилеп е еден од поголемите градови во државава и ги нуди можностите кои што ги нудат и другите градови. Имено, јас имам многу пријатели од Прилеп а и од други помали градови кои имаат исклучително успешни кариери. Истиот коментар или споредба може да ја направите и ако ја споредите Македонија со другите земји од регионот. Сигурно можностите да бидете поуспешен се поголеми доколку живеете во Белград или Софија или пак Париз и Њујорк ама тука аргументите кои се користат се дека е доволно само да живеете таму.

За да биде така пред се треба лично да се вложите и да имате јасна визија за она што сакате да го постигнете а средината е овозможувачки или неовозможувачки фактор. Јас не сум слушнал дека Прилеп го спречил некој да направи нешто посеризно. Најголем дел од причините лежат лично во нас... Од личен аспект, компромисот кој што ми е потребен помеѓу професионалниот живот и кариерата и приватниот живот и забавата во овој момент Скопје е местото што ми обезбедува најдобар баланс. Од друга страна не гледам ништо лошо во тоа да младите луѓе излезат надвор од своето место на живеење и на почетокот од кариерата соберат искуство и знаење од други места.

Впрочем, идејата на сите програми за размена на студенти, студирање надвор од својот град или држава има за цел да ги подготви студентите за мобилност на работна сила, таму каде што е потребно и што е една од најсилните страни на развиените економии, додека кај нас сеуште се смета за табу и ерес доколку луѓето заминат и работат надвор од своето место на живеење. Ова секако бара повеќе простор за дебата и наидува на многу критики кои се пред се поврзани со нашата култура на живеење но несомнено претставува пречка за развојот и на индивидуата и на заедницата.

Вие сте Претседател на Институтот за Демократија- Скопје (ИД), ангажиран сте како набљудувач во изборните мисии на ОБСЕ во други држави во процес на демократизација, консултиран сте како политички експерт при јавни дебати а воедно сте и докторант од областа на политиката. Кое од овие полиња за Вас е најголема лична вокација, каде се чувствувате најреализиран сега или се стремите да се посветите повеќе во иднина?

ВМ - Па сите се некако меѓусебно поврзани и знаењето и искуството од едно поле се пренесува на друго. Институтот за демократија е една најреномираните организации во граѓанскиот сектор во државава и тимот на луѓе со кои што работам претставува собир на едни од врвни политолози и политички аналитичари.

Мене ми претставува огромна гордост и задоволство да можам да работам со сите овие луѓе како и да ја менаџирам работата на организацијата. Ангажманот пак во мисиите надвор од Македонија ми дава огромна можност да учам од искуството на колегите од другите држави како и да можам споредбено да го гледам развојот на државава во однос на другите држави. Од личен аспект за мене а претпоставувам и за повеќето е многу важно да излезете надвод и да видите надвор од вашиот двор, од вашето место на живеење.

Од пред четири-пет години работам и како предавач на Високата школа за новинарство и односи со јавност, на предметот Политички системи и глобализација и сметам дека знаењето собрано од досегашните ангажмани е одлична можност да им биде пренесено на студентите од помладите генерации. До сега секој дел од работата ми претставува задоволство, јавните настапи исто така ги сметам за одлична можност за споделување на моите размислувања и за отворање дебата по тие прашања.

Во 10без10 со Владимир Мисев - Во 10без10 со..

Како претседател на ИД имате можност од блиску да ги следите демократските процеси во Македонија и на нив да влијаете преку истражување и креирање на јавното мислење. Дали според вас може да се зборува за независно граѓанско општество во Македонија, и дали вашата лична мисија како политиколог е повеќе во насока на зајакнување на демократијата во државава преку зајакнување на граѓанските организации или повеќе ве интересира некое друго поле како изборните процеси, јавното мислење и сл.?

Секако дека може да се зборува за независно граѓанство. Како што спомнав и претходно непреченото функционирање на сите од овие полиња што ги кажувате допринесува за развојот на демократијата. Личната слобода и убеденост во делувањето се најсилните алатки на едно демократско општество. Тоа во голема мера го одредува односот со останатите форми на здружување, интеракцијата со семејството, пријателите, колегите и така натаму. Јас се обидувам со сите луѓе да дискутирам слободно за секоја тема.

Она што според мене недостига во јавната дебата е истото што недостига и во неформалните разговори, аргументите. Најчесто сме емотивно водени во секоја дебата, развиваме чувства за работи за кои треба да имаме аргументи. Најчесто ваквите чуства се однапред дефинирани, стереотипизирани и предодредени од нашето домашно воспитување, образованието, односите во друштвото или работната средина.

Ние најчесто не се слушаме кога дебатираме, ретко која дебата носи до промена на мислењето на другиот и скоро никогаш кон разбирање и договор. Идентично е и во јавната сфера, едноставно не се слушаме, одбиваме да погледнеме во аргументите на другата страна (доколку ги има) и само остануваме закопани во позициите на кои што првобитно сме биле. Кај нас промената не непожелна состојба.

Ако некој се променил (макар и да е на подобро) не е во ред, ги предал другарите, семејството или слично. Според мене промените носат добро, секако доколку се на подобро и дека само паметни, отворени луѓе се менуваат. Не смееме никако да се противиме на развојот на технологиите и знаењето околу нас. Ако го променивме начинот на облекувањето, начинот на комуникација со другите околу нас (фејсбук, скајп или било што) неопходно е да го промениме и стилот на живот.

Разбирам дека како луѓе сме многу притиснати од поинаков тип на проблеми, од лична природа, сиромаштија, невработеност и сето тоа создава големо незадоволство и недоверба кон луѓето но мора да собереме воља и сила и да разговараме и за посветли теми и да живееме посветли мигови. Годините кои што ни врват никогаш нема да се вратат назад. Работите кои што сум можел да ги видам на 20 години нема да ги доживеам на ист начин кога ќе ги видам на 40.


Дали верувате дека политиколозите во Македонија се доволно слушнати од Владите на Р. Македонија при дефинирање на политичките позиции на државата како внатрешно, така и надворешно?

Не се. Далеку од тоа. Ама можеби и не се за обвинување, токму од претходно наведените причини. И помеѓу нас политиколозите има толку многу што трескаат зелени и на пазар некогаш ќе слушнете поразумна, повеќе аргументирана и рационална дискусија отколку во медиумите или во некоја „анализа“.

Недостига една организирана јавна дебата во Македонија по многу прашања и власта (или Владата ако сакате) како и секоја власт колку послабо граѓанско општество ќе најде толку по-самостојна е во носењето одлуки.

Дополнително дел од јавната администрација во последните неколку години се промени и се засили со кадар кој што е добро образован и со искуство од странство, што прави самата администрација да има капацитет да ги извршува работите кои што порано граѓанските организации или политиколозите и ги даваа како услуги.

Во 10без10 со Владимир Мисев - Во 10без10 со...

Колку вашиот ангажман во ОБСЕ Ви овозможува преку Вашата експертиза и искуство да бидете “интелектуален амбасадор” од Македонија и да придонесете при градењето на демократиите во другите држави со слични проблеми како оние со кои се соочувате дома?

Со ОБСЕ имав можност да работам на изборите и развојот на демократијата во повеќе од 20тина држави. Нема совршени избори и нема совршена демократија.

Од Норвешка па до Киргизстан препораките кои што ги даваме на државите имаат за цел да го подобрат нормалното функционирање на политичките системи односно да ги направат по-ефикасни во препознавањето на реалните потреби на граѓаните.

Можноста да се запознаете со толку многу луѓе од различни националности и места на планетата е огромен благодет. Но многу зависи и начинот на кој презентирате вашата земја, работите со кои се гордеете, приказните кои што ги имате да ги раскажете. Се сеќавам кога бев во Литванија, не им беше многу драго на моите литвански колеги кога разговаравме за кошарка или во Бугарија кога разговараме за историја, ама тоа е.

Генерално можам да кажам дека скоро сите колеги кои биле во Македонија им е многу драга земја, посебно ја сакаат храната и гостопримството на луѓето тука.

Колку Прилеп може да се пофали со развиени граѓански организации и дали се тие доволни за градење на партиципативна политичка култура во активно граѓанско општество?

Прилеп е град кој се карактеризира со трвдоглавост, инаетливост, итроштина и мајтап. Тоа прави одлична подлога да имате слободни граѓани кои се противат и реагираат на злоупотребите на власта и со тоа го зајакнуваат демократското миље.

Не за џабе и најистакнатите револуционери и борци од поновата историја на Македонија потекнуваат од Прилеп. Во делот на организирано делување, исто така сметам дека јас знам неколку организации од Прилеп кои се доста активни во граѓанскиот сектор и доста успешни во сферата на младите, граѓанскиот активизам итн.

Колку што се благодет особините со кои што се карактеризираме како луѓе од ова поднебје толку се и наше проклетство кога станува збор за организирано делување и работење. Кога работите во еден тим во една организација потребно е да ги подведете сопствените интереси под интересите на тимот и да се борите за повисоки цели од вашите лични цели.

Тука многу луѓе не успеваат и тука се разликуваме како луѓе, како организации или тимови од  луѓе но и како држави и општества. За да речиме дека има организирана партиципативна политика култура ни треба малце повеќе од one man show.

Коментари

Коментари

Реклама