Едукативно-забавен портал на Град Прилеп

10bez10.com

33°

Временска прогноза

33° 25°23.08 / Пет
30° 22°24.08 / Саб
30° 19°25.08 / Нед
28° 18°26.08 / Пон
26° 18°27.08 / Вто
25° 20°28.08 / Сре
27° 19°29.08 / Чет

Банкометар

Банкометар

10bez10.com

Содржина

Содржина

Кратка одломка од времето за разговор на онаа Александра, меѓу литератите и спектаторите на модата позната како Везилка, за сите останати Спасеска, која веќе години не живее во Прилеп, но секое нејзино провејување низ градот зафаќа доволно гигабајти од урбаната меморија. Лик кој никогаш нема да го ставите во просечен контекст, име кое помеѓу сто кафиња никогаш нема да биде оговарано без чудење, и голема доза мистериозност. Задоволство е да се забележи еден краток разговор со Александра, исто онолку, колку и да се учествува во таков со неа.

Урбани херои: Александра Спасеска - Поразително е тоа што во изминативе пет години испратив во странство добар дел од луѓето со кои сонувавме да направиме подобра иднина - vezilka01

Убавиот човек може да живее убаво каде и да е; утешна вистина или рецепт за пропаѓање со стил?

„Ниту еден човек не е Остров, сосема сам за себе; секој човек е дел од Континентот, дел од копното; ако Морето однесе грутка земја, Европа е полесна, како да однесло некој рид; Посед на соседите или твој сопствен; смртта на секој човек ме намалува мене бидејки јас сум опфатен од Човештвото; Затоа не прашувај за кого бијат камбаните; тие бијат за тебе.“

Сакам да се согласам со Џон Дан дека луѓето околу нас ни го даваат контекстот да бидеме она што сме во целост. И најубавото уметничко дело е безвредно ако никој не го гледа, не го слуша, не го доживува. Можеш да се храниш од внатрешните светови до одредена мера, до стадиум на душевен канибализам. По таа точка, по природен нагон се селиш кон потопли краишта и си бараш примероци од својот сој.

Модна блогерка, стилистка, поетеса... Животен колаж на урбан слободар или потреба за креативна емиграција отаде бодликавата жица на секојдневието?

Потребата за креативно изразување за мене подеднакво води кон создавање на реалноста што ја сакам и бегство од реалноста пред која напати сакам да замижам. Верувам дека светот е онаков каков што си го создаваме и сум ја имала таа среќа во мојот свет да имам луѓе со кои можам да создавам убаво секојдневие и да сонуваме заедно за некои уште подобри денови.

Исто така среќна сум што имам прилика да го работам тоа што го сакам и професионално и рекреативно, без разлика на условите. Тие постојано ќе се менуваат и животот ќе ни поставува препреки, ама баш заради тоа е позабавно возењето. Пак, најважно е кои ти се совозачите.

Покрај реките од информации, големата слика за нас е дека сме постојано дехидрирани. Каде ги разделува твојот хирушки рез митовите и реалноста на нашето време?

Преплавени сме со информации, настани, луѓе. Дигиталното време неретко нѐ фрла во заблуда дека сме во тек со случувањата, а всушност само нѐ носи струјата. Социјалните мрежи придонесуваат да нѐ зафати синдромот на „страв од пропуштање“ , посебно мојата генерација што се најде на свиокот на две сосема различни времиња, токму поради постојаниот впечаток дека на сите нешто им се случува, а ти не можеш да држиш чекор.

Со тек на време научуваш да филтрираш, да се држиш до приоритетите, но никогаш, никогаш да не престанеш да учиш. Покрај информирањето од областите што ми се неопходни за реализирање на моите ангажмани што се од различни сфери, од превод, преку мода, до поезија, се трудам да бидам отворена кон кон нови искуства и луѓе бидејќи различната перспектива може да донесе само напредок и посеопфатен краен резултат. Ќе заклучам дека главно филтерот ми е станат поситен, ама секогаш оставам простор нешто да ме изненади.

"Александра во земјата на чудата"- кратко сиже на Македонија во која би сакала да живееш?

Наспроти мојот вечен оптимизам овде е точката каде што правам reality check. Си ја сакам земјата, државата не ни чини. Поразително е тоа што во изминативе пет години испратив во странство добар дел од луѓето со кои сонувавме да направиме подобра иднина, а и од тие што останаа добар дел се со една нога излезени преку граница.

Да го завршам кругот, ќе се вратам на првиот муабет: луѓе требаат. Луѓето кои ги сакам и во кои верувам. Луѓе кои верувам дека каде и да се ќе бидат прекрасни во тоа што го создаваат. Само сакам да се случи чудо и тоа „каде и да е“ да биде Македонија.

Коментари

Коментари

Реклама