Едукативно-забавен портал на Град Прилеп

10bez10.com

Временска прогноза

-7°16.12 / Нед
-3° -3°17.12 / Пон
-3° -5°18.12 / Вто
-3° -11°19.12 / Сре
-1° -9°20.12 / Чет
-2°21.12 / Пет
-11°22.12 / Саб

Банкометар

Банкометар

10bez10.com

Содржина

Содржина

Во последниве години низ Прилеп се повеќе може да се слушне странски јазик, било да е на поминување низ плоштад, некаде на кафе или на шанк. Кои се овие луѓе што се меѓу нас, а ретко кој ги запознал или контактира со нив? Која е нивната претстава за нас, знаеле ли за Прилеп, или тек го запознаваат, што мислат за прилепчани, какви впечатоци и приказни ќе пренесат во своите краишта...? Поради овие и многу други прашања, решивме да ги „ловиме“ еден по еден, и малку да поразговараме со нив.

Странци во Прилеп: Росарио Лопез, EVS волонтер од Шпанија - rosario lopez

Прв пат ли сте во Прилеп? Како ви се допаѓа престојот во градот?

Пристигнав во Прилеп во декември. Ми се допаѓа градот, затоа што мислам дека имате по малку од сѐ: барови и пејсажи. Не е блиску до Скопје, но има доволно редовни линии кои ве поврзуваат со главниот град, и до главните центри во Македонија.

Знаевте ли претходно за Македонија, или прв пат дознавте за неа преку програмата за размена на волонтери?

Никогаш не сум ја посетила Македонија, и да бидам искрена, не знаев многу за оваа земја, освен тоа дека е дел од поранешната Југославија, па според тоа знаев дека Македонија е прилично млада држава, и исто така непозната, и тоа не само за мене. Пред да допатувам, не знам колку пати морав да одговорам на истото прашање: „Каде е Македонија?“ Интересно ми е да напоменам дека зборот Македонија на шпански значи мешавина (mezcla).

Исто така, за нас шпанците, Македонија значи овошен микс со џус од портокал. Поради таа причина, сите мои пријатели ја замислуваат Македонија, како земја на свежото овошје (не се шалам). Пред да дојдам во Македонија, имав прилика да избирам да одам во други земји од Европската унија, но конечно се одлучив да дојдам тука, очекувајќи едно поинакво искуство, во поинаква и непозната држава, и точно тоа и се случи.

Кои прилепски знаменитости, локалитети и културно-историски споменици ги имате посетено?

За време на мојот престој овде, успеав да научам многу, не само за Македонија, но и за земјите од балканот, и навистина сум импресионирана од нивната убавина, историја и население. Конкретно за Македонија, го посетив Скопје во неколку наврати и уште неколку градови, обидувајќи се да видам повеќе страни од лицето на Македонија. Бев и во Охрид (што е задолжително ако живеете во Македонија, па дури и ако живеете далеку од неа), Струга, Вевчани, Струмица, Крушево и Битола.

Исто така ги посетив и манастирите како оној во Зрзе, кои ќе ги паметам цел живот. Од околината на Прилеп, посебно уживање е пешачењето до манастирот Св. Архангел Михаил, и секако до тврдината на крал Марко. Од врвот на планината може да се види целата атрактивност на Прилеп, што е воодушевувачки, посебно во зима, кога Прилеп беше прекриен со снег. Посебно ги сакав тврдините над градот, но најмногу од сѐ патот до нив, постојките како таа кај карпата „слонот“, и пејсажот непосредно пред да се искачам на врвот, каде тврдината и пределот се спојуваат.

Странци во Прилеп: Росарио Лопез, EVS волонтер од Шпанија - lopez

Кои се вашите задачи како активист и волонтер во EVS програмата?

Имав удел во интеркултурен проект, презентирајќи ја мојата култура, но исто така и ја учев македонската култура, заедно со уживањето во друштвото на младите луѓе од Прилеп. Во основа, од вас зависи дали ќе го прифатите напорот, за на крај да постигнете добри резултати, во смисла да споделите корисни нешта во контекст на проектот: „Да направиме разлика“. За време на мојата EVS програма, предавав шпански јазик, затоа што забележав дека македонците навистина сакаат да научат шпански, но овде во Прилеп немаат многу можности за тоа, па поради таа причина се обидов да бидам корисна за нив во тој поглед.

Часовите по шпански јазик и мене ми беа од корист, затоа што во исто време и јас го подобрував мојот мајчин јазик, можев подобро да размислам и да ги разберам некои факти за мојата култура, како и разликите и сличностите помеѓу Шпанците и Македонците. Од друга страна, пишував статии на различни теми (култура, Македонија, патување во странство, вработување, и сѐ нешто што можеше да им даде одговор на овдешните луѓе).

Имав неделно радио шоу на шпански јазик под насловот “Historias de Macedonia”. Го промовиравме преку нашиот веб сајт, како што правиме и со сѐ останато: работилници, културолошка и јазична размена...
Исто така, работев на поддршка на организацијата „СЕГА“ да воспостави контакти помеѓу Шпанците и Македонците преку НВО партнерства. Сигурна сум дека нашите држави можат да бидат многу поблиски отколку што претпоставуваме.

Кои се вашите впечатоци од Прилеп, и за што најмногу ќе раскажувате кога ќе се вратите во својата земја?

Прилеп е едно од најдобрите места за живеење во Македонија, ја имате природата и градот. Предноста на живеењето во Прилеп е што можете да сретнете луѓе кои ќе ви покажат какви се навистина Македонците. 

Тоа е најважната работа кога патувате, кога сте во странство. Најдобриот начин да запознаете туѓа земја е преку нејзините жители, и преку јазикот кој го зборуваат. Впрочем, благодарејќи на локалното население, јас имам да споделам бројни приказни за Македонија, кои во најголем дел се позитивно искуство. На пример, секој пат кога се искачував до тврдините на крал Марко, се среќавав со некој кој ми нудеше престој и храна во својот дом. Ќе им раскажувам на моите пријатели дека во Прилеп луѓето многу често го користат изразот „шпанско село“ кога за нешто сакаат да кажат дека нешто не знаат, но исто така ќе им раскажам за тоа дека ракијата е најдобриот лек за сѐ (според „истражувањето“ на Македонците, иако јас сѐуште не сум уверена во тоа). Но едно нешто е за сигурно: Македонија е земја која едноставно мора да се посети, барем еднаш во животот.

Европски волонтерски сервис (ЕВС) им дава можност на младите луѓе да ја искажат нивната лична посветеност преку волонтерска работа во странство во рамките или надвор од ЕУ. ЕВС има за цел да се развие солидарноста , меѓусебно разбирање и толеранција меѓу младите луѓе, а кои придонесуваат за зајакнување на социјалната кохезија и промовирање на активното граѓанство. Доколку сте заинтересирани да ја користите ЕВС програмата можете да се обратите во канцелариите на Коалицијата на Младински Организации СЕГА и Младинскиот Информативен Центар Инфо СЕГА. Контакт мејл infosega@infosega.org.mk

Коментари

Коментари

Реклама