Едукативно-забавен портал на Град Прилеп

10bez10.com

33°

Временска прогноза

33° 25°23.08 / Пет
30° 22°24.08 / Саб
30° 19°25.08 / Нед
28° 18°26.08 / Пон
26° 18°27.08 / Вто
25° 20°28.08 / Сре
27° 19°29.08 / Чет

Банкометар

Банкометар

10bez10.com

Содржина

Содржина

Наталија Трајковска со пишување се занимава уште од почетните одделенија, но досега нема издадено ниту една книга. Својот писателски пламен го разгорува пишувајќи колумни како на актуелни теми така и на теми кои покренуваат есенцијални прашања од општествениот живот.

„ТАА“- Наталија Трајковска - natalija t

Родена е на 05 Јуни 1991 година. Средно училиште завршува во С.О.Е.П.Т.У. „Кузман Јосифоски – Питу“ (правен техничар), а по завршувањето се запишува на студии на Правниот Факултет во Кичево, Дисперзирани Студии во Битола при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и успешно го завршува стекнувајќи се со називот „Дипломиран правник“.

Во своето творештво покрај многуте текстови и нејзиниот прв роман (крими-драма) – „ТАА“ се вбројува и втората книга, крими романот „(НЕ)ПРАВДА?!“ кој во моментов се наоѓа во фаза на лекторирање. Третата книга насловена како „Совршен злочин“ е во фаза на пишување.

Рецензија на проф. д-р Јове Кекеновски

Кога пред неколку месеци мојата студентка Наталија ме замоли, а јас искрено и со задоволство прифатив, да бидам промотор на нејзината прва книга, воопшто не помислив дека се работи за роман со љубовно-криминална содржина. Морам да признам дека читањето и препрочитувањето на романот за потребите на оваа промоција ме врати повеќе години наназад. Во младоста. Имам чувство како да станав подмладен од причина што романи со ваква содржина читав во своите триесетти години, а сега во последниве петнаесетина години сум оптеретен со стручната и ,,досадна” литература. Наталија ја познавам исто колку и останатите студенти кои мошне ревносно ги следеа моите предавања по Филозофија на право на Правниот Факултет во Битола. ТАА - Наталија беше една од најдобрите ако не и најдобар студент во генерацијата и морам да признам дека воопшто не претпоставував дека зад нејзе и во нејзе се крие ваков романсиер. Меѓутоа после овој роман повеќе сум од сигурен дека ние и Република Македонија ја добивме македонската Агата Кристи.

Од нејзината биографија дознав дека уште како мала, не престанувала да зборува, да се бори за правдата односно против неправдата, со што го добила епитетот „домашен дрвен адвокат“ а приватниот судски спор со бензинската пумпа кој нејзиното семејство го води уште од далечната 1998 година само ја зајакнал нејзината желба за изучување на правото. И сега замислете какво пријатно изненадување доживеав јас кога на едно место се сретнав: со желбата правдата да излезе на виделина, со љубовта кон семејството и кон блиските пријатели, со почитувањето на семејните вредности, за вербата и почитта на брачните другари еден кон друг, за пријателството за полупрофесионалниот однос на полициско-истражните органи и сето тоа собрано на едно место во овој романот првенче. Содржината на романот „ТАА“ е распослана на 207 страници, поделени на 30 глави.

Основата на фабулата е: „Животот на едно австралиско семејство пред, за време, и после смртта односно убиството на нивен близок пријател Мајкл Гарнер (капитенот на рагби тимот „Bears“ – мечки) за кој што неправедно е обвинет Џон Спенсер сопруг на ТАА - боженствено убавата адвокатка г-ѓа Спенсер, чија специјалност се крвните злосторства, борба за правата на жените, заложбата за почитувањето на човековите права и слободи. “, Главната идеја на овој роман кој се чита во еден здив е: барањето одговор на прашањето: Што значи да се најдеш во погрешно време, на погрешно место и како тоа влијае на семејството, пријателите и на целокупната јавност, а воедно и да дознаете што истите тие се подготвени да направат за Вас кога ке се најдете во таква незавидна ситуација. Со самото тоа што авторот на романот своите јунаци ги посматра низ огледалото на љубота и меѓусебната почит и нивната борба за вистината со тоа на индиректен начин го искажува и својот стремеж и сваќање за возвишеност на вечните семејни и човекови вредности.

Во романот ТАА сведоци сме на мајсторски раскажана велеградска љубовно-криминална и судско-полициска приказна во која мошне успешно и релистички се опишни главните јунаци и затоа оваа приказна може да се чита и анализира од повеќе аспекти кои се меѓусебно поврзани и условени еден од друг. Пред сè овој роман може да се чита како љубовен роман кој е внимателно психолошки избалансиран и изнијансиран, чија главна тема е ненадејната случка со која се соочува едно семејство, односно љубовта и вербата помеѓу брачните другари и нивната заедничка борба за докажување на вистината. Вториот аспект е тој шо овој роман може да се чита и анализира и како криминалистички роман поради случување на едно убиство и обидите за негово расветлување за кој можеме да кажеме дека е централниот дел во романот. Самото убиство претставува еден вид тест за ликовите во романот. Тест преку кој е направен обид да се открие егзистирањето на повеќе човечки карактеристики во секој лик посебно. Како на пример: искреноста на Џон Спенсер, довербата на неговата сопруга адвокатка, искуството на инспекторот Даглас, ентузијазмот на инспектор Џејмисон, практичните вештини на инспектор Билбоу, долгогодишното искуство на шефот на г-ѓа Спенсер, адвокатот Ричард и сл. Од овој аспект ние можеме да добиеме и јасна претстава за функционирањето на австралискиот правен систем како и целокупните општествени односи кои што се одвиваат во него.

Она што мене посебно ме заинтересира и воодушеви е филигрантскиот па дури и филмски опис на сите операции превземени како од страна на полициските инспектори, така и на она што се случува во судницата преку одвивањето на судскиот процес. Во таа смисла интересни се описите на дејствијата и потезите на судијата, јавниот обвинител, бранителот, поротата како и на сите други инволвирани во случајот, со што читателот добива претстава дека гледа филм на голем екран, а не дека чита книга. Еве само едена сцена во романот: ,,Во ред е немам повеќе прашања – се повлече обвинителот на своето место. Седна и се напи неколку голтки од чашата со вода. Устата му беше сува, а судењето само што почна.

– Ја повикувам одбраната, доколку има прашања – судијата погледна накај бранителот.

– Да, чесен суде. Имам неколку прашања – стана Таа и со голема елеганција помина пред поротата.

Носеше тегет здолниште коешто ѝ завршуваше малку над колената. Нагоре носеше бела кошула и тегет сако коешто беше закопчано само со едно копче. Изгледаше божествено..... Двајца помлади нешто си дошепнаа помеѓу себе, а тоа успеа да го слушне не само Џон, кој нагло се сврти кон нив, туку и судијата.

– Тишина! Мир во судницата! – тропна неколкупати со чеканчето судијата. За мене ваквиот опис е филм кој ви се одвива пред очите И третиот аспект е сознанието дека овој роман може да се чита и како роман кој третира една традиционална и интернационална тема каде животот на ТАА (боженствената г-ѓа Спенсер) се одвива помеѓу желбата да се биде односно да се остане и понатаму успешен во извршувањето на професионални обврски кои произгледуваат од извршувањето на престижната професија адвокат и грижата за своето семејство односно грижата за својот син и сопруг.

Содржината на романот не уверува дека Наталија одлично владее со најсложената пистателска форма, дека умее да ги избере и да ги промовира во вистинско светло главните ликови и во вистинско време да ги ,,вплете” во акција, да гради заплет како и расплет на случувањата. За ова последното најдобро говори завршницата односно последната глава од романот каде во стилот на Агата Кристи ја открива целата приказна преку една употребена максима од нашето секојдневие: „Понекогаш, мажите, заслепени од убавината на некоја жена прават многу непромислени работи“. (мислејќи на клучниот доказ во постапката - снимените ленти кои полицискиот инспектор Џејмисон и ги дава на убавата новинарка Лиса Андерсон).

Расплетот на фабулата продолжува со пензинирањето на инспекторот Даглас кој дури после 8 месеци од завршувањето на судскиот процес сфаќа како е убиен популарниот рагбист Мајкл Гарнер откако пред куќата на соседите се паркира камион од којшто во стаклени витрини двајца луѓе изнесуваат статуи од мраз.... Следејќи го интелектуалниот растеж на Наталија повеќе сум од сигурен дека таа во романот ТАА успеа да пронајде не само соодветно дневничко-епистоларна форма за пласирање на една убава семејна приказна туку и оптимален култивиран и дистанциран тон кој провејува низ целиот роман. Наталија Трајковска напишала едно извонредно дело, драгоцен роман кој ќе се препочитува се додека кај македонските читатели живее и се почитува нашиот македонски јазик, а со првиот странски превод на романот и многу многу подолго. ТАА г-ѓа Спенсер адвокат, а пред се вистинската ТАА засега само дипломиран правник Наталија Трајковска заслужува искрени честитики за овој потфат. Можеби романот ТАА многумина нема да го доживеете како ремек дело, но тој е блиско до тоа.

Станувам се посигурен дека откако ќе го прочитате романот ќе се наполните со позитивна енергија и сите околу Вас ќе ја забележат нескриената благопријатна насмевка на Вашето лицето, а во вашата меморија долго време ќе остане идиличната слика за семејството Спенсер опишана на крајот. Ако во минатото се сомневав, сега барем сум повеќе од сигурен дека постојат одредени личности кои имаат вродена способност на литерарно претварање на обичното во необично, на нормалното во магично. Една од тие личности секако дека е нашата НАТАЛИЈА ТРАЈКОВСКА.

Извадоци од Романот

„ТАА“- Наталија Трајковска - taa naslovna

Утринското сонце веќе навлегуваше низ спуштените желозини. Беше 7 и 35 кога двајцата ги разбуди силниот трескот. Тие осетија дека звукот на врата којашто се крши доаѓа од нивната куќа. Џон наеднаш рипна од креветот. И Таа ја отфрли прекривката од себеси и се исправи на нозе. Уплашена го погледна и само проговори: „Што беше ова, по ѓаволите? Џон, Кевин?“, со прашален поглед се џареше во сопругот.

– Сè ќе биде во ред мила. Одам да проверам, ти остани овде – кратко ѝ нареди. Двајцата беа збунети, сигурно дека не очекуваа дека ќе доживеат вакво утро. Сето ова се случуваше отприлика десетина секунди. Џон се наведна и брзо ја бакна жена си на образот.

– Остани овде, ме разбра? Тој ја отвори вратата и прво се стрча кон собата на Кевин. Ја отвори вратата и виде дека Кевин спие. Во раката му беше новата играчка. Само што почна да слегува по скалите, глетката која ја виде го шокираше. Влезната врата од својата куќа беше скршена со нога и широко отворена, а во просторната дневна соба стоеја десетина полицајци. Сите беа вооружени со пиштоли. Забележа и цивили кои во него веќе имаа вперено револвер. Сите беа застанати во претпазлива позиција, со пиштолите исправени напред. Двајца наеднаш истрчаа од кујната и се обратија кон другите: „Чисто“.

Од вецето се слушна уште еден непознат глас: „Чисто!“. Џон не знаеше што да мисли. Не беше свесен дали сонува или е буден. Кога го слушна гласот на еден од полицајците: „Застанете каде што сте или ќе пукам“, Џон инстиктивно ги крена двете раце горе. Таа не можеше да слушне што се случува долу, но чувствуваше дека не е сè како што треба, па реши да не го послуша сопругот и да остане во собата. Ја облече неговата кошула, којашто стоеше на закачалка, бидејќи во паниката тоа ѝ беше најдобра идеја на којашто успеа да се сети. Поминувајќи низ ходникот ѕирна во собата на Кевин.

Собата на Кевин беше поблиску од спалната соба, па тој очигледно беше го слушнал викањето кое доаѓаше одоздола. Беше разбуден и збунето седеше во својот кревет. Таа отрча надолу по скалите кога наеднаш врисна. Го виде Џон како двајца од полицајците го држат за рацете од двете страни, а друг од зад него на прекрстените дланки става лисици. Џон не изгледаше како да се противи на таквата постапка на полицајците. Стоеше здрвен.

Врисокот беше толку силен што сите се свртија и ја видоа жената во машка кошула. Се слушна и плачот на Кевин одозгора.

– Џон, што е ова? Што се случува? Кои сте вие и што барате овде? – со плач се дереше по Џон и по насобраната толпа од вооружени мажи во нејзината куќа. Се стрча на кај сопругот и му го погледна изразот на лицето. Не изгледаше како да е уплашен, само некако беше чуден. Не беше тоа израз на рамнодушност туку едноставно, збунетост. Сè се одвиваше премногу брзо. Толпата вооружени мажи мирно стоеше. Наеднаш нејзиното хистерично врескање го прекина длабокиот глас на еден полицаец Афро-Американец.

– Госпоѓо, останете таму каде што сте. Замолчете, веднаш! – ѝ нареди. Таа одеше кон сопругот и не ја почитуваше наредбата. Беше смртно испаничена. Одозгора се слушаше како Кевин плаче, сѐ посилно и посилно.

– Госпоѓо Ве молам, за име божјо, застанете или ќе пукам. Сигурно не сакате детето горе да ги изгуби двајцата родители истовремено – строго ѝ се обрати полицаецот. Тоа како да ја освести и таа наеднаш се вкочани, застана на едно место и со оџагарени очи зјапаше де во соговорникот, де во сопругот. Другите веќе ги имаа ставено своите пиштоли во футролите, бидејќи реално,Таа не беше опасност која му се заканува.

– Што се замислувате вие? Кои сте вие вака да упаѓате во нашиот дом? Знаете ли дека овде има малолетно дете? Каде е да го видам вашиот налог, ако воопшто го имате? – во паника се дереше кон сите тука присутни во собата. Ништо не ѝ беше јасно, а очигледно ниту на Џон.

Тој наеднаш проговори: – Смири се душо, сѐ ќе биде во ред. Ти ветувам. Оди по Кевин. Не грижи се за мене, сигурно се работи за некоја грешка. Таа само стоеше неверувајќи во каква ситуација се наоѓа. Како да не ги слушна зборовите на сопругот.

– Знаете ли вие што значат зборовите човекови права? Ќе платите вие за ова. Сите ќе платите за ова – упатуваше закани со треперлив глас. Заборави на наредбата којашто ѝ ја даде Афро-Американецот, па како луда отрча нагоре по скалите. Се качуваше преку три скали, како мачка. Веќе наредниот миг таа беше повторно долу во дневната соба, но овојпат држејќи го во својата прегратка малиот Кевин.

Се обидуваше да го утеши расплаканото момче нежно нишкајќи го лево-десно. За тоа време веќе дел од екипата на полицијата беше излегла надвор и се упатуваше кон полициските возила. Двајцата полицајци кои го имаа фатено Џон од двете страни под мишките полека го изнесуваа надвор. Таа тргна по нив. Џон не се противеше и гордо одеше исправен, само вратот го вртеше колку што може повеќе за да ја погледне својата сопруга и синот. Ја виде целата уплакана и како солзи и се тркалаат по лицето. И очите на Кевин сѐ уште беа влажни од плачењето. Ѝ кимна со главата и трепна со очите: – Сѐ ќе биде во ред душо, не грижи се.

Бидејќи веќе му ги имаа прочитано неговите права за време на апсењето тој викна: „Жена ми е адвокат. Ја сакам жена ми за адвокат!“. Кога го внесоа во полициската кола, сакаше да ѝ мавне со рацете, но двете му беа врзани назад на половината. Таа трчаше по нив по тесната камена патека која по страните имаше редици од цвеќиња држејќи го Кевин во рацете. Беше боса и сѐ уште ја носеше белата кошула од Џон.

Кошулата и беше кратка и преширока, но сепак Таа беше доволно облечена со оглед на театарот кој се одвиваше во нивниот дом. Кога полицаецот ја затвори вратата од автомобилот, Таа го забележа Џон како и намигнува. Не можеше да го слушне што ѝ зборува, но му прочита од устата: „Ве сакам“. Полициските автомобили се губеа од нејзиниот видик по улицата. Тие се упатија кон локалната полициска станица

 

Буката во судницата ја прекина чукањето на судскиот чекан. – Тишина, мир во судницата! – им се обрати судијата на сите присутни.

Откако почека неколку минутки за да се смират, почна гласно и јасно да говори. – Денес, на ден 2.4.2014 заседава Локален суд на Сиднеј, државата Австралија за случајот „Државата Австралија претставувана од Јавниот обвинител против Џон Спенсер“, за делото убиство од прв степен. Потоа го презентираше случајот. Обвинителот мирно седеше на своето столче и нечујно разлистуваше некои документи.

Инспектор Даглас кој седеше до него, делуваше значително понервозно. Не престануваше да размислува за исходот на овој случај. Неговиот полициски инстинкт му кажуваше дека овој случај е однапред изгубен. Немаа цврсти докази и најлошо од сѐ, не ни можеа да претпостават со што ќе им се спротивстави бранителот на обвинетиот. Гласниот говор на судијата му ги прекина мислите.

– Нека стане обвинетиот – даде наредба судијата. Тоа беше почитуваниот судија Виктор Вилијамс којшто стана познат после случајот со серискиот убиец Фридрих Олсон. Тој го стави зад решетки монструмот кој имаше убиено 8 студентки во рок од 2 години. Имаше големо искуство и многу знаење. Беше еден од најдобрите судии. Секогаш праведен и никогаш непристрасен. Единствена мана му беше неговиот краток фитил. Знаеше бурно да реагира кога некој не ќе ја послушаше неговата наредба. Беше мошне незгоден кога е лут. Кога ја слушна наредбата Џон Спенсер се исправи на нозе. Носеше убаво тегет одело, бела кошула и црвена вратоврска. Изгледаше прекрасно. Неговата облека испраќаше порака на сериозен господин, за кој последно би ви паднало на памет дека е убиец, а уште помалку дека го убил својот најблизок пријател. Стоеше мирно и рацете ги потпре на масичката пред него. Молчеше.

– Како се изјаснува обвинетиот? – со опасен поглед го стрелаше судијата Џон.

– Невин – гласно со сигурност во гласот кажа Џон. Токму така како што го советуваше Таа дома.

 

Таа го погледна инспектор Даглас со поглед што значеше „Те имам в раце, серко еден“. Иако Таа не ја изговори оваа мисла, инспекторот Даглас како да ја слушна.

– Инспекторе Даглас, ако добро се сеќавам рековте дека во целиов овој настан имаме 5 часа празен простор, нели? – Да, токму тоа го реков пред малку – ѝ одговори некако надмено. – Добро. Што мислите според вас дека мојот клиент правел во тоа време?

– Не знам, тоа кажете ми го вие. Вие сте негова сопруга – ја брецна инспектор Даглас. На тоа судијата реагираше: „Инспекторе, одговорете на прашањето“.

– Најверојатно, откако го треснал со нешто својот другар, излегол од куќата и се упатил во за нас непознат правец. Таму, го фрлил, уништил или пак скрил предметот со којшто го убил својот најдобар другар или подобро да кажам брат – инспекторот Даглас внимателно ги бираше зборовите. Одбра такви зборови коишто ќе ја погодат поротата.

– Рековте дека излегол од куќата. Како го објаснувате фактот што кога сте пристигнале на местото на злосторството, кога г-ѓа Кира Фолсон го пријавила случајот, не сте ја кршеле вратата, туку таа ви ја отворила? Можно ли е чесен суде и вие дами и господа поротници, мојот клиент Џон Спенсер, да излезе од вратата, да ја заклучи и притоа истиот клуч да остане од внатрешната страна на бравата? – го постави Таа прашањето до сите. Поротата знаеше на што алудира Таа.

– Па, добро. Не знаеме дали зел клучеви, па подоцна се ослободил од нив, нели? – ѝ возврати инспектор Даглас.

– Токму така, тоа не можеме да го знаеме. Но како би реагирал убиец? Да претпоставиме дека го треснал својот другар со нешто. Што би направиле вие? Би избегале? Би се пријавиле самите себеси во полиција? Или можеби би останале во куќата барајќи резервен клуч за да заклучите кога ја напуштате куќата? Притоа знаете дека горе имате госпоѓа која не знаете дали спие или не. Само претпоставувате дека спие. Нема ли да сакате да избегате што побрзо господине Даглас? Имајте го на ум и фактот дека Кира Фолсон ја заклучила вратата со својот клуч. Утрото пак кога дошла полицијата, таа ја отклучила вратата со клучот кој стоел во бравата. Да ве потсетам таа за тој клуч кажа дека е клучот на г. Гарнер, судејќи по приврзоците на него. Колкава е веројатноста да постоел трет клуч? – со иронија го зборуваше ова, знаејќи дека е во право.

– Во ред. Во право сте. Веројатноста е многу мала, но не можеме целосно да ја исклучиме и таа веројатност – ѝ одговори инспекторот. Таа беше задоволна со тоа како успеа да ја наведе поротата да размислува во правец којшто одговараше за Џон. Таа продолжи со испрашувањето.

– Инспекторе Даглас, рековте дека еден од доказите, како што вие милувате да кажете еден од цврстите докази ви е тоа што, мојот клиент е последен којшто комуницирал со Мајкл. Како можете со толкава сигурност да го тврдите тоа? – го брецна. И единствениот цврст доказ за којшто се држеше инспекторот Даглас Таа успеа да го разниша.

– Па факт е дека тој е последен – звучеше како да се правда.

– А што ако да речеме на пример, Мајкл и Џон разговарале и Мајкл го испратил Џон. Откако го испратил Мајкл ја заклучил вратата. Што ако некој друг дошол во тој временски период од 5 часа?

– Не знам. Можеби.

– Можеби, токму така. Тоа докажува дека вие не можете да тврдите дека Џон Спенсер е последниот кој контактирал со жртвата. Вие можете да го претпоставувате тоа, а не да го тврдите. Воедно верувам дека и самите ја знаете разликата помеѓу претпоставувањето и тврдењето. И кога веќе сме кај контактот, ако добро се сеќавам, г-ѓа Кира Фолсон како го опиша разговорот? – праша Таа.

– Рече дека мирно си разговарале – не сакаше да го каже ова инспектор Даглас, но мораше да одговори на поставеното прашање.

– Во ред. Сега околу трагите. Што е толку чудно да се најдат траги од мојот клиент на жртвата, со оглед на фактот дека цел ден работеле заедно? Сега да ги испитаме и вашите и моите раце, ќе откриеме отисоци на нив. Дали тоа значи дека и јас ќе бидам обвинета доколу вам ви се случи нешто? – чувствуваше како го нервира инспекторот.

– Не, не мора да значи. Но доколку сте на мое место и го имате моето искуство ќе сфатите дека тоа е единствениот заклучок којшто би можеле да го донесете – го стиши тонот инспекторот и сфати дека почна да се случува тоа од што тој најмногу се плашеше. Таа почна да ги побива нивните докази и тоа ѝ одеше одлично. Ова поротата значително ќе го цени.

– Рековте дека Џон Спенсер во едно од испрашувањата крие нешто, така? – Да, токму така – се поврати стариот надмен инспектор.

– Можете ли да се сетите на кое испрашување беше ова? – притоа Таа од левиот џеб на своето тегет сако изваде диктафон како тие што го користеа во полицијата и побара дозвола од судијата за да го пушти. Откако судијата ѝ дозволи, во судницата одекна гласот на тројцата инспектори. Сите зачудено слушаа. Џејмисон и Билбоу само се погледнаа со подзинати усти и ококорени очи. На инспектор Даглас му доаѓаше да експлодира. „Како ли ја нашла таа снимка“, се чудеше. „Му реков на кретенот Џејмисон да ја уништи“. Откако поротата, судијата, инспекторите и сите други присутни слушнаа како тројцата инспектори се обидуваа да извлечат признание или информации од Џон Спенсер, сите останаа зачудени. И Џон подзина, ниту тој не знаеше за ова. Само шефот Ричард задоволно се смешкаше.

– Дали ќе ми одговорите на моето прашање, господине Даглас? – ликуваше Таа.

– На...овааа, ммм, на второто, ако добро се сеќавам – почна да пелтечи инспектор Даглас.

– Во ред, со ова ќе се позанимава народниот правобранител, но тоа подоцна. Сега сакам да ми кажете што ви одговори мојот клиент кога го прашавте како стигнал кај Мајкл?

– Приговор, чесен суде! Што е битно со што отишол кај жртвата? – рипна обвинителот. И овој приговор не беше прифатен, па Таа продолжи.

Коментари

Коментари

Реклама