Едукативно-забавен портал на Град Прилеп

10bez10.com

33°

Временска прогноза

33° 25°23.08 / Пет
30° 22°24.08 / Саб
30° 19°25.08 / Нед
28° 18°26.08 / Пон
26° 18°27.08 / Вто
25° 20°28.08 / Сре
27° 19°29.08 / Чет

Банкометар

Банкометар

10bez10.com

Содржина

Содржина

Есејот на Наталија Трајковска со наслов „Бебе, девојче, сестра, девојка, госпоѓица, жена, госпоѓа, мајка, баба, старица“ е првонаграден труд на конкурсот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ за научен труд и есеј. 

Наталија Трајковска: Бебе, девојче, сестра, девојка, госпоѓица, жена, госпоѓа, мајка, баба, старица - trajkovskanatalia

Стара народна поговорка вели дека „И стреите плачат кога ќе се роди женско дете“. Спротивно на тоа пак кога се раѓа син таткото – главата на семејството три дена и три ноќи го прославува раѓањето на синот со другарите пиејќи до зори. Ова најверојатно не ви помага да го сфатите значењето на „насловот“ на есејот, ако тоа горе воопшто може и да се нарече наслов.

За да ви помогнам ќе го цитирам маестралниот Ернест Хемингвеј кој рекол „Нема ништо посебно во пишувањето. Се што правиш е...седнуваш на машината за чукање и почнуваш да крвариш“. Од времето во кое живеел и творел Хемингвеј не се променило ништо во врска со пишувањето. Се променила само машината за пишување. Отворајќи го мојот лаптоп, решив да прокрварам по кој знае кој пат. Ајде да почнам од првата капка. Според Библијата откако Господ Бог го создал светот го создал и првиот човек, Адам.

Веднаш после создавањето на Адам, Бог од едно од ребрата на мажот ја создал Ева, да биде негова жена и придружничка во текот на животот. Наспроти ова Христијанско верување стојат другите религии и другите народи кои имаат свои приказни, теории и варијанти за создавањето на жената. Некои веруваат дека е создадена од кал, други дека е од песок па Бог и внел душа, трети дека е од човечка коска и месо, а Бог и дал светлина. Наспроти ваквите религиозни теории за настанувањето на жената и на човештвото воопшто, пркоси „Теоријата на Еволуцијата“. Најнапред разработувана од Лемарк, а подоцна дообработена и пласирана пред целокупната јавност во делото „Потеклото на видовите“ од Чарлс Дарвин зборува како човекот настанува од нивниот најблизок предок: мајмунот.

И сега припадниците на посилниот пол ќе речат дека се ќе беше подобро доколку Ева не паднеше во искушение, па со својата постапка не предизвикаше протерување од Рајските градини. Одговорот на ова кој наместо да понуди вистински одговор ќе отвори нов милион прашања би бил дали уште пред многу години одамна, веднаш по самото создавање на жената била предодредена нејзината улога понатаму во текот низ целокупната историја? Ирелевантно е во што секој поединец верува, дали ќе оди по стапките на Бог и ќе верува дека жената и мажот се креација на Бог или дека со текот на времето еволуирале од мајмуни (за што има и докази).

Длабоко во оваа дилема гори една искра која понатаму ќе се претвори во пламенче. Пламенчето кое што го навестуваше една искра сега полека трепка во некоја пештера, некаде далеку. Внатре во пештерата на земја стуткани седат деца и ги топлат рацете покрај огнот. Мажите штотуку се вратија од лов, донесоа месо. Неколку од жените се во блиската река и на изворот ги перат парталите кои во денешно време ги нарекуваме алишта. Други млади машки деца се враќаат со риби закачени на нивните копја. Девојчињата веќе стоплиле вода над огнот и чекаат. Сите се среќни и задоволни, ќе има за јадење. Мајките се водачи и управуваат со потомството.

Идеолошки се смета дека жената е на врвот во групата, па така моќта на мајчинската енергија и мајчинската љубов е социјална кохезивна сила. И сето тоа изгледало во ред и функционирало додека не дошло ред за „онаа работа“. Промискуитетноста ги надминува своите нормални граници, а свеста на луѓето проработува до степен каде што мора да се најде решение. Решението е пропаѓање на матријархатот и процут на идејата за патријархатот, каде главната улога во заедницата ќе ја има мажот односно таткото. Па и Фридрих Енгелс зборува за: „Преминот од синдијазмички брак (најзастапен во матријархатот) во моногамија (патријархат): За да би се осигурила верноста на жените, значи и татковството над децата, жената безусловно е предадена на власта на мажот. Ако ја убие, тој го врши само своето право.“ И ете го новиот момент во историјата кога се наговестува згаснување на пламенчето. Но тоа не угасна. Не само што не угасна туку и уште повеќе се разгори.

Жените почнаа да се опеваат во песните, нив почнаа да им се принесуваат дарови. Тие станаа Божици. Па така обичниот човек кој сакаше да ги уништи или да ги понижи, започна да клекнува на колена пред нив и да ги моли за помош, за храна, за дожд, за убавина, за плодност. Очигледно физичките предиспозиции во тогашно време, па за волја на вистината и денес се предност за машкиот пол. Сепак и покрај улогата на робинки на мажот, биле обожувани. Сакате доказ? Зарем треба да ги набројувам Божиците од Римска, Грчка, Египетска и ред други митологии? Дали доколку го сторам тоа некој ќе рече: „Па да, во право си. Имале моќ и ги обожавале. И требало.“ Се сомневам, но не е важно. Писателката кога веќе почна да крвави нема да запре на средина. На човештвото не му беше доволна ниту Клеопатра, која успешно владееше со Египет. Не му беше доволна ниту Марија Магдалена која стоела до Исус на неговото распнување и која прва го видела неговото Воскреснување. Не му беше доволна ниту Јованка Орлеанка од Франција, ниту пак Катерина Велика во Русија или Марија Терезија.

Дали му беа доволни Елизабета I – Кралицата на Англија и Кралицата Елизабета II? Или можеби Кралицата Викторија? И доколку не му беа доволни безброј жени, зошто го одбраа најлошиот начин да ја покажат нивната супериорност над жените? На кого му требаше инквизицијата? На кого му требаше „таква“ црква и „таков“ Бог? На кого му требаше сето тоа што се случувало во „темниот век“? Нејсе, се случило и тоа е факт, а пред фактите и боговите молчат. Малото пламенче го претвориле во пеколен оган. Гореле „вештици“, „блудници“, „еретици и еретички“, „проститутки“, „скитнички“, „гатачки“, „врачарки“? Гореле, беселе, колеле, обезглавувале брилијантни умови. И зошто сето тоа? Затоа што биле напредни. Биле понапредни од нив и размислувале поинаку. А да не зборувам за правата. Права помножени со нула. И што ти помагало во тоа време да си дури и кралица, кога и сопствениот татко би те продал за да зацврсти воен сојуз или да добие територија. Принцеза која што била сексуално злоупотребувана од својот брат?

Кралица каменувана на плоштад поради наводно неверство? Но и во последните остатоци од кладата, повторно останува пламенче. Пламенче кое што ги осветлува Мари Кири – првата жена која што доби Нобелова награда, Џејн Остин чија „Гордост и предрасуди“ е една од најпродаваните книги ширум светот. Го осветли дури и девојчето од еврејско потекло чиј дневник „Дневникот на Ана Франк“ и ден денес намовнува и расплачува милиони луѓе. Дневникот на девојчето кое „И покрај се веруваше дека луѓето имаат добро срце“. Ја осветли и Принцезата од Велс, Дијана а ја осветли и „Мајката на сите мажи, жени и деца во светот“ – Мајка Тереза. Колку години мрак, без никаква причина. Сепак, и тој долговековен мрак е прекинат од, се чини неуништивото пламенче. Овојпат тоа пламенче ја разгоре идејата на Клара Цеткин и Роза Луксембург, активистки за човекови права, посебно за правата на жените. Може да се каже дека тие се едни од највлијателните жени во поновата историја кои се заслужни за статусот кој го има жената во денешното општество.

Секако во никој случај не треба да се заборави и придонесот на Роза Парк кога еден ден во автобус одбила да му го отстапи седиштето на некој белец. Несомнен придонес има и Еленор Рузвелт, некогашна прва дама на САД која на многу начини придонела во донесувањето на Декларацијата за човекови права на Обединетите Нации во 1948та. Тука е и Ева Перон, а се разбира и Беназир Буто – првата премиерка на муслиманска земја (Пакистан). Сосем заслужено место во овој мој есеј добиваат и Маргарет Тачер – популарно наречена „Челичната дама“ која што е првата премиерка на Велика Британија, а се разбира и Индира Ганди – првата премиерка на Индија. Жени кои што го достигнале врвот во својата кариера, меѓутоа и мајки, нечии сопруги и сестри, пријателки. И не попусто ја споменувам Клара Цеткин и нејзините реформски влијанија во сите општества во светот и не престанувам да си поставувам еден куп прашања. Дали доколку не беше Клара Цеткин и нејзиното напредно мислење жената ќе останеше на маргините на општеството? Дали ќе беше домашна робинка, перачка, чистачка, готвачка, бебиситерка и колку ли уште титули има. Дали ќе можеше да излезе од крутите стеги на општеството? Иако немам одговори се радувам на резултатите.

Се радувам на успешноста на жената и на нејзината способност. Се восхитувам на способноста да се биде мајка, сопруга и истовремено да се има успешна кариера. Но одеднаш сето воодушевување ми пропаѓа во вода зошто сфаќам дека жената всушност и сама си е виновна за положбата во која се наоѓа. Ја тераше ли некој со сила да бара рамноправност? Ја убедуваше ли некој да ги споредува своите способности, како физички така и интелектуални со мажот? Ја тераше ли некој да си го стави тој товар на грбот, да извршува толку многу функции истовремено? Иако одговор на прашањата не можам да најдам ниту Вам да ви дадам, сепак ми е мило што и покрај се, жената успешно се снаоѓа во сето тоа. Кога веќе ја споменав рамноправноста, не можам да се воздржам а да не капнат неколку капки крв и за тоа. Веќе стигнавме до поимот еманципирана жена.

Половата рамноправност веќе ја имаме на хартија. Ги добивме на хартија и еден куп други позитивни членови и ставови. Имаме неколку Конвенции за заштита на жената и нејзините права, а скоро во секој Устав или во другите видови правни акти во другите држави ја имаме забраната за дискриминација по секоја основа, вклучувајќи го и полот. Меѓутоа што имаме во пракса? Што имаме надвор на улиците или дома во семејството? Таму имаме изреки од типот „Жените немаат врска од возење“, „Жена и фудбал ти се два различни поими“, „Жена се разбира во политика исто колку и магаре во музика“, „Жената била силна колку мажот. Нека дојде да ја видам да работи во рудник“ и уште еден куп вакви примитивизми. Само за споредба колку жената може да биде успешна во така наречените „машки професии“ ќе ги споменам, Хилари Клинтон, државна секретарка и поранешна прва дама и сенаторка, Амелија Ерхарт – авијатичарка, Вирџинија Вулф – новинарка, новелистка и есеистка, Џулија Морган – архитектка, Валентина Терешкова – космонаут, првата жена во вселената, Миа Хам – шампионка во фудбал која има постигнато најмногу голови од сите други играчи на фудбал и Џенет Гатри – првата жена која што учествувала на трки со автомобили.

И бидејќи знам дека и овие факти не се доволни за посилниот пол ќе продолже да се лее крв. Ако го сметаме за непобитен фактот дека жената е исто толку способна како и мажот во извршување на работните задачи, зошто се уште постојат злите јазици на дискриминацијата. Еманципираната жена која во денешно време има и успешна кариера и семејство веќе не се плаши од дебатите од типот „Мажот е посилен, подобар, по ова, по она.“ Всушност модерната жена веќе и не се труди да разбере која е поентата на таквите дебати ниту зошто пак никој не сака да го вреднува нејзиниот вложен труд. Кога мажот ќе заврши некоја работа, неговиот труд мора да биде валоризиран, а кога жената ќе го направи истото, тогаш никој не крева врева, тоа и онака е нејзина работа, таа и онака требаше да го стори тоа или слично. А зошто е тоа така кога ниту една жена не побарала ниту медал, ниту орден, ниту златен пехар за нејзините успеси. Зар толку им е тешко на припадниците на посилниот пол да прифатат дека жената е рамноправна со нив?

Сигурна сум дека повеќето од нив заборавиле дека пред патријархатот, владеел матријархат кој згора на се се смета дека е еден од најдолгите периоди во целокупната историја кој се задржал толку долго време во таа форма без некои поголеми и позначајни промени. Но ајде и овде жената прогледува низ прсти. На патот на нашето пламенче се појавуваат толку многу препреки што никој не може да претпостави како таа искра се уште опстојува. Меѓутоа колку и да имало и да има во иднина обиди тоа пламенче да згасне, тоа никогаш нема да угасне. Колку и да се негира дискриминацијата на женскиот пол, колку и да се занемарува воспоставувањето на рамноправност помеѓу половите, колку и да се искористува женскиот труд, пламенчето нема да згасне. Тоа ќе тлее и во семејства каде што жената е робинка на мажот, и во семејства во кои и во денешно време е нормално сопругот да ја претепа женаси без разлика од кои причини и во семејства каде што владее љубов и хармонија и онаму каде што овие поими се илузија.

Некаде ќе живурка, но сепак ќе опстои. Некаде пак ќе биде распламтено од грижливиот сопруг, животниот избраник полн со разбирање и доверба, почитта од децата или помошта на родителите. Некаде ќе пламне на џентлменските постапки на мажот, некаде тивко, тивко ќе тлее без никој да биде свесен за неговото постоење. Се додека го пишувам есејов, се трудам да не мислам на фактот дека половина од светската популација се мажи. Се трудам да не мислам на тоа дека овие мои испишани страници ќе завршат во нечија корпа или дека некој ќе го запали огнот со нив (иако ова е мошне веројатно, се надевам дека нема да се случи тоа). Се обидувам да им покажам на читателите дека ова не се само измислени зборови или некое феминистичко четиво. Сепак на ваква тема вреди да се ризикува. Па зарем не се воделе војни за жена? Зарем не изгоре Троја до темел за Елена? Зарем нема да се согласите дека жената е нужно зло. Жената е луксуз и штета е кој што не може да си го дозволи тој луксуз. И додека капат капките крв пламенчето светка во позадина.

Пред да се осмелам да прокрварам на оваа тема неможев да ја одбегнам грижата и сомнежот, што доколку првата читателска публика е од машки пол, па на напишаново ќе реагира, хм... како? Да, како ќе реагирате вие откако ќе го прочитате текстов, а предходно сопругата ви го зготвила омиленото јадење? Како ќе го прокоментирате со колегите на работа, кога ќе ја навалите главата и ќе го осетите мирисот на чистата испрана и испеглана кошула која поминала низ рацете на вашата сопруга? Како ќе реагирате кога ќе ја видите вашата сестра среќна поради тоа што добила возачка дозвола? Баш ме интересира што ќе каже вашата мајка кога ќе ве погледне кога се враќате од работа?

Знам дека ќе звучи клише доколку напишам дека „Зад секој успешен маж стои жена“. За ова нема дополнително да навлегувам, ќе оставам таткото, сопругот, братот да оценат дали клишето држи вода. Мојата последна намера беше да се обидам да променам нечиј став или да се обидам да им ги отворам очите на господата од посилниот пол. Сепак, доколку го сторив тоа, благодарна сум им токму ним. Да не бевте вие такви, какви што сте, немаше ниту ние сега да постанеме ова што сме. Последната реченица која што ќе стави крај на моето крварење кое искрено се надевам дека не беше залудно е погледот на жените кои што ги сакате, кои што ве опкружуваат, кои што ви се блиски. Погледнете ги во очите и ќе видите, ништо друго туку искра. Вие бидете тие кои што ќе ја претворат во пламенче.

Коментари

Коментари

Реклама