Едукативно-забавен портал на Град Прилеп

10bez10.com

Временска прогноза

21.11 / Сре
22.11 / Чет
23.11 / Пет
24.11 / Саб
25.11 / Нед
10° 26.11 / Пон
27.11 / Вто

Банкометар

Банкометар

10bez10.com

Содржина

Содржина

-Ме прашува во инбокс драга пријателка дали не сум се чувствувала понижена од компромисот.

Како што стопати сум пишувала, а и во телевизор кажував уште пред десет години, не чекав сега да стане модерно – несфатливо ми е како меѓународната заедница дозволи да се воспостави тој тотално ирационален спор (иако знам, или баш зашто знам и разбирам кои се јавните и неискажаните мотиви зад него).

Шоптрајанова: Договорот го гледам како можност, не како гаранција - jasna optrajanova

Но тој спор трае безмалку три децении и во него нема (веќе нема, едно време можеби и имаше) невини.
Ако цело време не’ притиска ирационален спор, многу ќе сум среќна тоа „цело време“ да заврши.

Одвај чекам! Ако заврши на рационален, разумен, разборит начин – уште посреќна.
Ако е вистина дека решението нашите две земји го смислиле сами, без вообичаеното меѓународно посредување – дури сум на некој начин и горда, и си викам оооо, шуќур!

Така што, помило ми е ирационалниот спор да заврши, отколку да се влече засекогаш.
Колку што знам да го читам договорот (а после толку години живот и работа, би требало да знам) – ми се чини дури изненадувачки фер за обете страни.

Мене ми изгледа како плод на вистинска желба вистински да се разбереме и вистински да го решиме глупото и да одиме напред кон паметното.

„Ама знаеш, они уствари, ние уствари, а што ако они, знаеш после една година, после пет …“
За жал, со лопата можеш да ги ринеш штеточините и кај нив и кај нас. И со багер. Неброени се.

И за уште пожал, бескрупулозни какви што се, таквите полесно се поврзуваат и сложно прават дубари и хаварии.

Од тоа нема спас, а нема ни друга заштита, освен искрената верба и искреното активно залагање – на СИТЕ други, тие сили да се сосечат во корен и да се казнат при секој обид.

Паметните кај „нив“ се плашат од истото што се плашат и паметните и кај „нас“ – дека ќе дојде време кога реакционерни сили ќе го злоупотребат ова новопостигнато кревко пријателство. И?

Ај па засекогаш да седиме скар, ај ич да не излегуваме на улица, зашто може некој од соседнава зграда да ни фрли цигла врз глава (стварно може, и? дали тој ризик вреди засекогаш да живееме како заточеници?)

Оно, нема да сме баш скар, ќе одиме во шопинг дека е поевтинко, и ќе ги фризираме тука дека им е поевтинко, и кафе покрај море па сепак друго е, и фирми чат пат ќе си продаваме отвораме затвораме, и ќе си имаме „абе како да ти кажам каков газда, абе – наш, фамилија!“ во омиленото место на море, и тие кај нас – ама на државно ниво ќе седиме во привид дека сме бескомпромисно скар, и ќе ги храниме будалите за чат-пат да направат инцидент што ќе го потврди скарот.

Не, јас не сакам лицемерие. Сакам да си кажеме дека сакаме да го решиме спорот и навистина да го решиме. И мислам дека сега имаме шанса без преседан.

А стопати имам прашано да не сум може глупа или слепа, и да ми се посочи кој тоа член е толку фатален и не’ разнебитува, ама немам добиено друг одговор освен драмолетски петпарачки теории на заговор што киксираат на прво сериозно потпрашање.

Теории уште поирационални од спорот.

Имало таму членови што ни го укинувале правото на самоопределување, па идентитетот, па песните, па МАНУ (та веќе ко да окапаа во МАНУ со денови, да се напојат од сето знаење од библиотеките, ама јаз’к сега ако ја прекрстат, ќе им се расипе ГПС-от, па нема да знаат да стасаат до таму и готово, пропаст! Препотресени за идентитетот, а не знаат ни дека македонски јазик се пишува со мало м, а за едначење по звучност па шодавираспраам. Еве, НУБКО нема да ви се прекрсти, ако знаете што е НУБКО – Национална и универзитетска библиотека Климент Охридски – па сепак ќе имате кај да се надградите, колку-толку. Белки знаете каде е, и ако не сте студирале книжевност.).

Е добро, кој е тој член што не’ разнебитува, не’ укинува, не’ сотрува? – Ама знаеш, драма драма драма, знаеш они какви се, знаеш они во иднината, знаеш они во минатото, драма драма драма тажаленки … – Добро, а кој член е фаталниот?
И нема одговор.

А дали сум ПОНИЖЕНА?

Понижена сум, поразена, што би рекол северниот сосед – потучена до ногу!
Понижена сум што во земјата во која фрескоживописувале Михајло и Евтихиј и други знајни и незнајни, во која резбале тајфите што ни ги оставиле оние ремек-дела на иконостасите, но и на граѓанскиот мебел, го имаме Скопје 2014 бре, со оние дилетантски скулптури, некои и плагијати, некои ко да сакаат да го навредат претставениот лик, некои шкопени, некои вулгарно прокреациски, некои со невешти пропорции и недоработени занаетчиски – абе, тотално сум понижена од сето тоа, па и бесплатно да било.

Понижена сум што е направено, понижена сум што не е тргнато и се надевам дека ќе биде тргнато, наместо да стои тука и да го формира критериумот на нацијата (и на демосот и на етносите).

Понижена сум што оние креатури од телевизорите се професори на универзитет што го основал дедо ми, во земја за чија слобода гинеле генерации и генерации (па меѓу нив и многу мои предци, кои не си го жалеле животот, исто како што не си го жалеле времето и трудот нивните потомци кои – за среќа – не морало да гинат и кои растеле во верба дека никој веќе не ќе мора да гине, дека ќе е доволно да се работи самопрегорно, одговорно и креативно).

Понижена сум што такви трујачи, такви извртувачи на факти – значи, на факти, не на толкувања, туку на факти – се вработени за да се занимаваат со најблагородната професија – пренос на знаење, на учење како се узнава. Ако тие самите продаваат, утрапуваат толку омраза, такви лаги и манипулации – како е можно се’ уште да предаваат? Нема ли интегритет научната и академска заедница да ги прозове? Или да не се замера, сепак другари сме лично, а и не знаеш утре може он ќе биде декан, па ќе ми се одмазди … Е, тоа ме понижува, ме утепува! (башка има еден член 319 од КЗ, зошто сите се прават ко да е невидлив?).

Понижена сум што во земја која ги дала урбанистичките ремек-дела Крушево и Охрид, и ГТЦ (да, урбанистичко ремек-дело – а не само „најобичен трговски центар“, како и бројните плоштадчиња и паркчиња меѓу поземјотресните згради) ја гледам онаа низа накарадни чудесии, од МНР (а веројатно и отаде МНР) до Археолошки музеј/Суд/Шодае, па и отаде него. И понижена сум што тие се’ уште се капат во глорифицирачки светла (па уште шарени, јојо светлеќи), место да се пушти да ги изеде барем мракот, додека демократски и стручно да се реши што со нив.

Понижена сум што коритото на Вардар е се’ уште затрупано, иако и во трето одделение учевме колку е тоа опасно.

Понижена сум што имам сограѓани кои би прегазиле човек на пешачки, ама око не би им трепнало, само кога би знаеле дека нема да се казнети. Понижена сум што масовно се трујат кучиња и мачиња, а никако „не може да се открие сторителот“.

А од договорот не се чувствувам понижена, не го ни гледам емотивно, туку рационално.
И, исто така, се разбира дека не го гледам како ГАРАНЦИЈА; туку како МОЖНОСТ.
„Абе мамицата, глеаш како не’ зафркнале со тоа договорот? Ем да го потпишеме, ем пак да морало да исполнуваме стандарди, па на што личи тоа?“

А ние као уствари нејќеме да ги исполниме тие стандарди? Нам и вака ни е добро, шуш-буш, разработени ни се малите врати, па големи и не ни требаат, ваму врска, ваму нешто дај, ваму биди наше дете, така сме навикнати, асли византијци, не би ни знаеле да се снајдеме по прав пат?

Нема да ни пратат садници со дрвја на кои растат пари, тоа е сигурно, но ќе имаме можност за пари, и тоа за посериозни пари (а не да бидеме богаташи со една ипол минимална потрошувачка кошничка) да РАБОТИМЕ – пошто ваљда сакаме да работиме, низ работата да се оствариме и да дадеме свој придонес?

Или не, сакаме само да трошиме и да јадеме пиперки како ништо не чини? Пардон, како НИШТО НИКОГАШ не чини, и сите се исти, едино нам на „различните“ ќе ни падне круната од главата ако нешто подработиме, или прифатиме обврска, поише ни лежи пљукањето, така?

Дали „Европејците“ се секогаш фер?
Не, се разбира, знаат оние кои работеле со нив дека и тука има киксови – но тие киксови често се дело на наши итарпејовци кои се увалиле на меѓународна служба, па малку им ударило у главу. Кога ќе има повеќе такви позиции, кога повеќе луѓе ќе бидат свесни и писмени за тие можности – и тој ризик ќе се намали. Да исчезне нема никогаш.

Ни еднорози нема да се појават, ни триес пара штикли од 20 цм од кои не те болат нозе и можеш да ги спакуваш во едно торбиче. Ни куќите нема сами да ни се чистат, ни диетите нема да се магични, ни испитите нема сами да се спремаат – пак ќе ТРЕБА да работиме, ќе МОРА да работиме, ама ќе МОЖЕМЕ да работиме. Таа разлика не е мала.

Ете, јас така ги гледам работите, и така гледам и можност да ја надминам личната, а и колективната пониженост. Со свесност, со работа.

Мене тоа ми е фер инаф, а идеалниот живот мислам дека го нема веќе ни во филмови и серии, и тие удрија на дистопија, па нашево е дури и арно, дека знаеш какви ги има? Абе ќути, скраја да е, да не чуе злото!

Нешто многу ретко сум на фб, имам куп зададени и самозададени обврски, па наместо што коментирам тук-таму, еве да си пишам.
Може глупа сум, ако сум – пишете ми кој член не сум го разбрала. Коментарите што нема да содржат број на член ќе ги бришам најдиректно, и кого удрам – не жалам.

И да – пошто заразата не ја пренесува тигарот, туку стаорецот, или бактеријата, де ак сакате обрнете малку внимание, покроце малку со тоа храната за троловите во вакви пресудни моменти.
Да, троловите ќе си измислат ако немаат нешто реално – но кога не мораат да измислуваат, некако глупо доаѓа.

Знам дека сечиј ден има само 24 часа, и на највисоките функционери, и на троловите, и на бактериите, и мојот, ама мора да има начин таа порака и да се пренесе и да се слушне. Дека глупостите се глупи секогаш, а особено сега кога ечат и заглушуваат за да не се чуе чистиот тон.

А чистиот тон насушно ни треба.
Нели сме земја на музиката, па више па најпосле па, зошто све да слушаме фалшоини?

Фејсбук статус на Јасна Шоптрајанова

Коментари

Коментари

Реклама