Едукативно-забавен портал на Град Прилеп

10bez10.com

13°

Временска прогноза

13° 22.10 / Пон
10° 23.10 / Вто
11° 24.10 / Сре
25.10 / Чет
19° 26.10 / Пет
19° 27.10 / Саб
19° 13°28.10 / Нед

Банкометар

Банкометар

10bez10.com

Содржина

Содржина

Македонците се многу недисциплинирани и невнимателни. Мораме да внимаваме дека, барем по грешка, властите можат да реагираат и да се сетат дека постојат закони, институции и морал.

Во затвор за џабе - колумна на Александар Цветкоски - kolumni na aleksandar cvetkoski

Политичарите не читаат и не ги знаат предизвиците на Црвените Кмери, кои градејќи го „ѕидот на правдата“, сфатиле дека нема од каде да започнат, дека нема некорумпирани и дека ѕидот тоне во калта на криминализираниот народ. Значи, ако нѝ е криминалот традиција, заради што да се бориме против тоа? Само… малку повеќе внимателност, барем кога подведуваме деца.

Децата се наша иднина!

Ами како. Како тоа тргувале со малолетничката од Домот за згрижување деца…, ја проституирале, а не потрошиле некој денар за кондоми. Така ли се проституира дете? И сега кога останала трудна? Цел куп чесни граѓани во затвор. И за што? Оти не потрошиле пари за кондоми. Ами ако имаше и сида?

Инаку, да не останело трудно ДЕТЕТО и да не пошло да абортира, никој жив немаше да знае. Замислете ќе „паднат“ десетици чесни трговци со ДЕЦА, присилувачи, макроа, продавачи на бебиња со државна заштита, оти се вработени во институциите, кои треба децата да ги штитат, само заради една малолетна Ромка. Тие, кутрите, само заработувале, оти платите им се мали. Што да прават тие, кога „ДЕТЕТО било расипано“ и со воспитни проблеми. А тие, само ја воспитувале… троа послободно.

Оваа Декада на Ромите нѝ дојде до ‘ак. Убаво си ги тераа проектите, за кои никој ниту видел, ниту слушнал, даваа убави извештаи до донаторите и не се замараа со ОГРОМНИОТ БРОЈ ДЕЦА во бизнисот со проституција. Треба малку да земат поука од институциите, кои не реагираат ниту по допрен глас, иако не беше „глас“, туку рика на стотици илјади луѓе (пишуваше скоро Џабир за тоа).

Така и со другиот макро… оној што ги присили на проституција и пратениците (оние што ги отворија портите на Парламентот) и демонстрантите и „уфрлените елементи“ во нив. Имале власт, координирале и со „албанската партија“, а не ги исклучиле камерите. Боже мили, каде оди оваа Македонијава… да те фатат како дебил.

Какви сме за никаде, може да му се случи на овој Заев да нѐ однесе во Европа – не дај Боже таа да дојде овде. Ајде, ќе видите тогаш дали ќе има прилив на 13 годишни убавици за „домашната журка“.

Тоа велам, мора малку да се внимава, кога се прави нешто не толку многу, не многу, помалку, попомалку… законско (Житие по Груевски: Пример за негативна градација или „деградација“). Не е повеќе Груевски на власт, па Горде ќе сврти телефон и ќе се „заврши работата“. На овие новиве им фали „солидарност“ и не носат кристали, ниту скапи гаќи. Сељаци!

Полни се затворите од невнимание. Кутри вемереовци тендер не знаат да наместат, а да не остават трагови, пари од банка не знаат да извадат, а да не дознае цела јавност. Мораше баш книговодителката од Актор да ги вади парите – лично. Будалска работа. На крај, наместо да молчат, тие со зурли и тапани низ тунелот. Или…. ќе е до „бакшишот“ и кој го зел?

И сега? Судските процеси сѐ уште не се вистински започнати. Ова што го гледаме не е ниту 1 отсто од она што ќе заврши за некои десетина мачни години, во кои илјадници чесни господа од вемерето и „околу нив“ ќе бидат осудени. Затвори нема да има толку, па ако сакаат, можат да нѝ ги дадат на користење и грчките и српските и албанските и бугарските. Аман бре еседеесовци, зар не контате дека скоро секој Македонец, Албанец, Ром, Влав… труден – или не, е за во затвор? Зар вие ќе се правите дека не знаете оти секој од нив „се снајдува“. Затвор за снајдување? Страшно!!!

Ами, ако земеме дека бројот на деца питачи, ограбувачи и проститутки во западните земји е огромен, а добар дел од нив сѐ од Македонија, како што сѐ барем 50 отсто монети и барем 60 отсто други артефакти на е – бејовите изнесени од државичкава? И таксистите знаат, но институциите – не знаат. Нормално, не се будали да сѝ прават проблеми.

Ами … мислите дека некој во институциите не знаел што сѐ прави насекаде „од портир до министер“? Сите знаат, само оставаат „работата да сѝ оди“, оти плати мали, а детето стасало за џипче, патичиња од 200 евра… разбирате… Ќе плачеме сега за „незаконитост“?

Ајде да воспоставиме повисока солидарност помеѓу нас граѓаните – криминалци, оти поинакви скоро и да нема, барем како што „државата“ ја има со монополските компании, со кои сѐ во братска врска и неограничено разбирање. Ако не си криминалец, тогаш си „заебан“. Не си криминалец, оти си неспособен. Од тука тргнувала работата – велат. Или… Ајде видете го Ѕинго, тој господин „Вечно Партнерство“, земете пример од него. Што му фали на Кратово, што е над 50 години феуд? Што фали што таму нема луѓе, туку само слуги на големците?

И… дајте им на тоа ромските организации пари, да трошат време во крадење, за случајно (како што се случи) да не откријат уште некое дете, кое го тепале, уценувале, го терале да работи, го проституирале… оти, верувајте, поретки се тие, кои таква голгота не доживеале, отколку другите… Поретки се тие, кои не знаеле.

Читајте малку повеќе, за да сфатите што сме сите ние. Ѕверови во човечки облик, кои за стопаре мајка продаваме, а не да се грижиме за некое ДЕТЕ, кое го тепале, искористувале и проституирале. Нема гнасотија, која ние нема да ја премолчиме, оти кубурот го чуваме за „не дај Боже“ и за перверзии со малолетнички.

Гнасотијата е флуидот во која пливаме, живееме и ја браниме од промени. Тињата на секојдневието е нашиот начин на живот и без неа никој не може да нѐ препознае, затоа што само така можат да ја видат нашата црна силуета на зеленскасто – пепељавата позадина на повторно и повторно рециклираната гнасотија. Ниту по сјајот во очите не можат да нѐ воочат, оти и тој е згаснат. Само по блескавата катранозна појава и црната трага, како опашка од комета. Ние, во нијанси сѐ разликуваме од тињата. Нашата душа е со текстура на пудинг, нашите мускули лигави, нашиот морал – флуиден и од прилика, до прилика, нашата воља – само за себедвижење и за споредување со полошите од нас.

За добрина и постигнувања немаме амбиција, оти не е исплатливо, а ниту знаење, оти не се вбризгува со инјекција. Тие, кои го имаат, мораат да се прават на будали, за да не бидат изопштени и исмеани. Тие се копилиња, кои „го заебале“ ѓаволот, да мисли дека се со него.

Затоа ние закон не знаеме, милост имаме само кон посилниот од нас, внимание само кон тие, кои ги жалиме, човечки пркос само за „на јампероз“, конструктивност – само за кражба на шрафовите на поредокот, радост само кога колнеме, или кога клетвите нѝ се исполниле, а задоволство заради признание – само од „стражарот“, кој е тука про – форма и благоглаголи заради мито. Зар за тоа треба да одиме во вистински затвор? Веќе сме таму, зар не гледаме? Толку сме долго во затворската лудница на простотилакот и расипаната неукост, што ѕидовите на слободата на почитување закон нѝ изгледаат како закана. Затоа, за џабе би оделе во затвор. Болните не одат во затвор, туку во лудница, а ние сме токму тука!!! Премногу болните не одат ниту во лудница, туку се борат за слобода.

Да се бориш за слобода? Безумие!!! Тоа е за друг народ и карактер. Тоа бара да излезеш од тињата и да се покажеш со сите свои недостатоци. Тоа бара да работиш на себе, да се самосецираш, да се самообвинуваш, да се едуцираш, да бараш подобро, повеќе, поправично, почовечки. Бара да го исплукаш пријателот, кога ти сѐ фали дека „ќарел“ малолетничка… На секој чекор ќе се сепнуваш заради сопствената несовршеност, ќе жалиш за изгубеното време во бесмислена конкуренција, хранење на суетата, омаловажување на другите и ќе гризеш нокти, што не си помогнал – кога си можел, што не си бил доволно креативен, смирен и отворен, па барем, сопствените деца да ги спасиш од себе и од тебе сличните, ќе се сеќаваш дека, заедно со сите други македонски кубур – чувачи, можеше да се стори нешто повеќе, за децата да не го сторат единственото нешто, што им останува на избор: Да си заминат. Заради пари? Заради глобализација? Трици седативни.

Ете тоа е дилемата. Дали да ги оставиме лудаците во лудницата Македонија, или да ги ставиме во затвор, затоа што таму можат да станат нормални, луѓе, да сфатат што направиле, искрено да се покаат. Но, што кога ќе се вратат во лудницата – кај нас неосудените криминалци?

Дај бидете малку повеќе Македонци, па дури и да сте Албанци, за да не одиме од лудница во затвор „за џабе – без вистинска причина“, оти во лудницава сме со причина.

П.С.

Ако макроата од домот ја искористатат идејава (да се бранат со лудило, оти живееме во лудница), ќе мора да ми го платат советот.

Коментари

Коментари

Реклама