Едукативно-забавен портал на Град Прилеп

10bez10.com

17°

Временска прогноза

17° 19°21.05 / Пон
19° 14°22.05 / Вто
20° 14°23.05 / Сре
18° 13°24.05 / Чет
23° 13°25.05 / Пет
23° 13°26.05 / Саб
25° 15°27.05 / Нед

Банкометар

Банкометар

10bez10.com

Содржина

Содржина

...процесот на имплементација на либерални политики по однос на канабисот на светско ниво е започнат. Македонија се наоѓа во релативно добра позиција со самото тоа што законски ни е регулирана употребата на канабисот во медицински и научни цели, останува да најдеме модел кој ќе ни помогне што подобро да се позиционираме на светскиот пазар.

Неопходноста од легализирање на канабисот во Република Mакедонија - колумна на Филип Секулоски - filip sekuloski

Започнувајќи од февруари 2016 година, Македонија се наоѓа во една мала група на прогресивни земји кои прифатија полиберален однос кон растението канабис (или попознато како марихуана) и производите од истото. Со измените на Законот за контрола на опојни дриги и психотропни супстанци, се дозволи одгледување, преработка и промет на производи од канабис. Оваа измена имаше за цел да помогне во третирањето на неколку видови на дијагнози, т.е во олеснувањето на животите на луѓето кои боледуваат од рак, епилепсија и други болести.

Погоре споменатиот закон е добра појдовна основа за понатамошна либерализација на канабисот, односно начинот на неговото производство, преработка и продажба, но таа состојба е далеку од идеална. Истиот дозволува постоење на 2 вида на економски оператори, и тоа: прозведувачи и преработувачи. Но во секој случај, за да бидете дел од едните или другите оператори, потребни се големи финансиски средства. Оваа ситуација значи дека влезот на пазарот на канабис не е дозволен за секого, т.е. им е дозволен само на големи играчи. Со самото тоа се прави една голема дискриминација кон обичниот македонски граѓанин.

Оваа дискриминација се огледува во фактот што неколку групи на граѓани не можат да се вклучат во поактивно искористување на бенифитите од ова растение. Тоа се пред се фармерите / земјоделците, микро економските оператори / компании и лицата кои што боледуваат од болести кои што не е дозволено или предвидено да се третираат со масло од канабис (или друг производ од канабис). Но со правилно димензионирана политика, сето ова може да се надмине и сите чинители во македонското општество ќе можат да ги уживаат и чувствуваат благодетите на истата.

Која би била правилната политика по однос на канабисот во Македонија?

Доколку вака се постави прашањето, правилните одговори доаѓаат лесно и едноставно. Најсоодветна либерална политика за канабисот е онаа која што ќе овозможи бенифит за сите сегменти од нашето општество. Легализацијата на канабисот предизвикува 3 видови на бенифити / благодети во општеството, и тоа: економски, здравствен и социјален. Што поширок е опфатот на лица кои имаат корист од истиот, тоа и ние повеќе сме успеале како општество.

Економскиот благодет се огледува во фактот што националната економија добива уште еден сектор (сектор кој до вчера бил црн пазар) и од истиот тој сектор ќе се добијат: нови работни места, нова економска активност и дополнителен данок за државната каса. При тоа не треба да се потцени моментот на диверзификација на економски активности, почнувајчи од земјоделието (рурален развој), потоа доаѓа преработката (производство на масло, кондиторски производи, градежен материјал, текстил, пелети и голем број на други прозиводи) и на крајот сето тоа се заокружува со продажбата (продажба на зелена маса, масло, кондиторски производи, градежни материјали, текстилни производи и др.). Економските бенидити ќе се осетат и терцијарно ниво, на ниво на услуги, а секако тука предничи туризмот.

Ако се обидеме овој потенцијал да го валоризираме, се добиваат значајни цифри. Како почетна методологија за квантифицирање на пазрот би можеле да го земеме моделот на Институтот за јавно здравје на Србија „Др. Милан Јовановиќ Батут„, кои во едно истражување од 2016 година дошле до информација дека во Србија канабис конзумираат околу 7,7 % од популацијата од 18 до 64 години. Ако истиот овој процент се земи и за Македонија, доаѓаме до податок дека кај нас бројот на потенцијални корисници се движи помеѓу 120.000 и 140.000 корисници. За една груба песимистичка проценка на пазарот, ќе ја земеме цифрата од 100.000 корисници кои годишно трошат по околу 6.000 мкд за набавка на канабис и негови производи, тоа не носи до една сума од околу 600.000.000 мкд (или приближно 10.000.000 евра). Со самиот процес на легализација, цената на канабисот би била можеби и повисока од сегашната цена на црниот пазар, но во секој случај, сумата која би ја наплатила државата на основ на данок би се изразувала во милиони евра. Кога понатаму ќе се пресметаат и добивките кои ќе се остварат во секторот туризам, факт е дека државата ќе оствари нови даночни приходи кои ќе се мерат во десетици милиони евра. Истите овие даночни приходи понатаму можат да се користат во образованието, здравствената заштита, инфраструктура, поддршка на фондот за пензиско и здравствено осигурување и сл. 

Брајтфилд Групацијата (Brightfield Group), консултантска куќа од Чикаго, САД: Се очекува дека пазарот на канабис, на светско ниво, во 2021 година ќе има вредност од повеќе од 31 милијарда долари.

Здравствениот благодет/ бенифит е доста важен од аспект на хуманистички пристап во третирањето на лица со различни дијагнози. Според многу анализи кои се направени до сега, бенифитот кој што го имаат лицата кои ги третираат своите здравствени проблеми со канабис, најчесто со масло од канабис, е голем и во многу случаи значи спасување на човечки животи. Како што беше и погоре кажано, идејата водилка за носењето на овој закон беше од хумани побуди: да им се помогне на лицата со одредени здравствени проблеми. Измената на законската регулатива во овој сегмент би одела во наскока на тоа да се дозволи третирање на што е можно повеќе дијагнози, т.е видови на болести. 

Др. Роберт Меламејд (Robert Melamede), универзитетски професор по молекуларна биологија и биохемија на Универзитетот во Колорадо, САД: ендоканабиноидите кои се составен дел на канабисот ги има и во мајчиното млеко. Канабисот исто така може да се смета и како храна, која што ни помага во надминувањето на одредени нутритивни недостатоци.

Третиот, последен, но не и помалку значаен аспект е социјалниот благодет за лицата уживатели на канабис. Самиот процес на легализација (кој автоматски вклучува и процес на декриминализација) ќе значи голем чекор напред во процесот на дестигматизација на лицата корисници / уживатели на канабис. Поради овој важен социјален момент, денес, Обединетите Нации и Светската Здравствена Организација се залагаат за целосна декриминализација на сите психотропни супстанци се со крајна цел да се дестигматизираат лицата корисници на психотропни супстанци и истите да се ресоцијализираат во општеството. Едно од основните човекови права е правото на слободен избор и хуман и достоинствен третман на сите луѓе на планетава. Ова би значело дека македонското општество ќе се насочи кон хуман третман на сите оние кои поради различни ризични фактори и некаков вид на трауми се нашле во незавидна ситуација да прибегнат кон злоупотреба на одрдени супстанци и наместо осуда, жигосување и казнување (стигматизација) ќе ја избериме опцијата да им помогнеме на тие луѓе за повторно да се реинтегрираат во општеството и да почнат да придонесуваат за развој на истото.

Пол Финкелман (Paul Finkleman), универзитетски професор по право од САД: доколку САД го легализираат канабисот на федерално ниво, тоа ќе значи драстична промена на криминалните структури во Мексико. Луѓето ќе купуваат канабис легално во продажната мрежа, а не од луѓе со пиштоли. Легализирањето на канабисот ќе ги избрка криминалнците со оружје од овие држави. Тое е добитна комбинација за полицијата и судството, а од друга страна нуди безбедни улици за сите нас кои плаќаме даноци.

На крајот само би посочил дека процесот на имплементација на либерални политики по однос на канабисот на светско ниво е започнат. Македонија се наоѓа во релативно добра позиција со самото тоа што законски ни е регулирана употребата на канабисот во медицински и научни цели, останува да најдеме модел кој ќе ни помогне што подобро да се позиционираме на светскиот пазар и истото добро да го наплатиме и капитализираме. Примерите на Израел, Уругвај, Шпанија, Чешка, Канада, Јужно Афричка Република и дел од сојузните држави во САД, како Колорадо, Калифорнија, Алјаска, Мејн, Вашингтон ДЦ, Масачусец, Невада, Орегон, Вермонт и други се одличен показател дека на пазарот постојат нови трендови и истите треба успешно да се искористат се со цел Македонија и нејзините жители да можат да имаат поквалитетен живот, од секој аспект. Со партиципативен пристап и вклученост на сите чинители во општеството (државната администрација, граѓанскиот сектор и бизнис секторот) лесно може да се дојде до решение кое успешно ќе не позиционира на светската мапа на држави со напредни и либерални политики. 

Коментари

Коментари

Реклама