Едукативно-забавен портал на Град Прилеп

10bez10.com

22°

Временска прогноза

22° 17°17.07 / Вто
21° 16°18.07 / Сре
23° 16°19.07 / Чет
23° 15°20.07 / Пет
27° 13°21.07 / Саб
31° 17°22.07 / Нед
28° 17°23.07 / Пон

Банкометар

Банкометар

10bez10.com

Содржина

Содржина

Постои јасна завера за издајство на најсветите идеали на Македонците.

Тие, неколкумина, добар дел од нив кај Геро, целат на карактеристиките, кои сите нас нѐ обединуваат и носат доза на хармонија во исподеленото секојдневие. Дали ги плаќаат, не знам, но едно знам: Ако Тричко ги издаде колумните, сѐ останато ќе издаде. Сите тие се издајници (книги, написи, колумни… сѐ издадоа).

Тричко ги издаде колумните, па не Македонија - колумна на Александар Цветкоски - kolumni na aleksandar cvetkoski

Хистерија и џуџињата

 

Првиот цели на најсветото. Знае тој за кого говорам. Ни две, ни три, удрил на хистеријата. Што сме ние Македонците без хистерија? Ден ли е тоа, ако не излезеш во етерот да ги изанализираш сите можни и неможни сценарија на заверата против Македонија? Земи нѝ ја хистеријата, нѝ ја зеде душата. Што ако организираат трибини? Што друго да прави Влахов? Ако појде, онака, да им се тресе на луѓето в’очи, ќе го скапат од ќотек. Остави таму да практикуваат фолклор: „да ја спасимеееееее Македонијааааа“…. Поарно така, отколку да одат на психијатар. Ќе ги издрогираат со машала дози, што ќе мислат дека се Снежани и ќе ги бараат џуџињата, а Мицковски нема да им ги даде, оти водат кампања.

Сензационализам и Велигден

Вториот е како задолжен за ништење на сензационализмот. Тој, без трунка совест, кој не прифати ниту античко, ниту бразилско потекло, сето она, што има потенцијал да биде сензација, како некој писар, ко некоја шалтерска бабичка, го подведува под графа „нормално“. Како ние да не знаеме дека законот за јазиците е донесен 2008 година. Како никогаш да не сме чуле дека и Грујо се договори со Али. Ко да сме ненормални, па не знаеме дека Шилегов нема да ги најде дупките на улиците. Злосторство, ами како. Македонец без сензационализам, како Црква без Велигден.

Кога сме тука, за многу години големиот Христијански празник и Бог да нѝ подари уште многу хистерии, здравје, пари и мир, за во спокој да ги читаме сензациите од типот „Лешовски функционер – доле Влада“, „Срамни стихови, кај е тој Заев“, „На Шилегов му подметнаа шахта – како дупка“, „Заев ѝ се свети на Бонева и ѝ ги крати патните трошоци“.

Театралност и солзи

Има еден друг, уште поопасен (веројатно е обучуван од странска служба), кој може да поднесе креативни перформанси од овие античкиве шизофони, но, никако не може да поднесе театралност. Да знае тој дека театралноста и тоа од најефтин вид, е една од најтемелните карактеристики на нашиот народ, нема да го исмева оној поетон на македонската поплукана, од странци испоганета од домашни издадена – душа, како што Албанците не ги исмеваат своите патриотски писанија од типот „Нашите херои, на кои не им рекле да ги извадат осигурачите од кинеските тромблони, со поминат рок, извадени од сандаци со стингери“. Да знаел тој дека театралноста е единствениот медиум, кој допира до Македонцецот/ката, нема така да говори. Еве, Албанците тоа одамна го сфатија и станаа како нас. Затоа и го туркаат законот за јазиците, оти и тие се порасипаа, па станаа како нас.

Замислете, дури и директните увреди на Латас кон Заев, во емисија во живо, не разбудија никакви јасни чувства и асоцијации кај „пристојната јавност“, па дури ни реакации од дежурните продавачи на морал од „десен“ вид. Латас згреши што тоа го направи возбудено и неконтролирано и заборави на театралноста (недружењето со Петровците, и едниот и другиот, му дојде до ‘ак). Да започнеше со патос, солзи за Македонија, тресење на раката, кога посега по „доказите“ против Заев, да ја ставеше раката на срцето, кога го изговараше името на Даме Груев… Заев ќе немаше шанса. Целата стручна јавност од критичари, кои сега брборат, а тогаш молчеа, мокри до појас од солзи, ќе му испраќаа мокри мејлови и колумни на „независните“ медиуми, а анонимните душебрижници ќе најавуваа поставување шатори во паркови, самозапалување пред зградата на СДСМ и закуп на билборд, од сопствени пари. Нормално, на крајот ќе поставеа добронамерно прашање: Кој ја финансира опозицијата? Вака, Латас згреши, а Заев стана Премиер. Рамно на театар.

Феноменална тривијалност и секрети

Третото и најтешкото е… како што реков… најтешко. Што сме ние Македонците ако не сѐ бориме од тривијалното да создадеме феномен. „Феноменално ништење на економијата од страна на Заев и партиските кадри“ – како гордо звучи тоа. Но, каде е тука феноменот, кој ќе го возиме до синдром, па до у.п.м.?

Реформи во судството? Кај има тука синдром на самоуништување, вечно проклетство на Македонскиот народ, издајство на идејата. Плус, Албанците најмногу настрадуваат по тоа судовите. Нема тука тема, нема театар, солзи, мрсули и останати секрети. Лигите од луѓе тоа нема да го препознаат како свое природно окружување. Не е тоа Македонија! Таа живее „на ситно“, во светот на тривиусот. Феноменот мора да биде лесен за експлоатација, да буди јасни асоцијации, да стимулира адреналин (покрај мрсули и солзи) против НАТО, соседите, Европа, против Албанците. Ете затоа, јасните етнопсихолошки пориви на „народот“, овие издајници сакаат да ги ништат, за да не остане ништо од нас, од нашиот плачлив етос и најбитното, од јавниот воаеризам, или на македонски: сеирџиство.

Сеирџиство и куршуми за демократска едукација

Тука сме. Браќа и сестри, па и први братучеди (началници или не), не давајте им на овие занесени просветители да нѝ ја менат душата и од сеирџии да направат аналитичари и верници во напредок. Не давајте да ви го свртат вниманието на пребројната јавна администрација, петпаречките универзитети, на урнатите процедури, злоупотреби на службена должност, на ендемскиот грабеж, на систематското ништење на човековите права, на мртви бебиња по клиниките, не негативната селекција, на огромната сива економија и на сите причини на нашите болки.

Ако успеат тие издајници, тие форсајтови кучиња на мирот, идните генерации ќе ве проколнуваат како сте дозволиле од возвишени антички суштества со синдром на тупавост и национално чувство на коза пред кактус, да создадат свесни единки, кои рационално размислуваат и негуваат само еден патриотизам: Добро да ја работиш својата работа, да ја сакаш и да даваш сѐ од себе за доброто на државата.

Ах, заборавив (што е доказ дека сум антички, оти сум тупав), требало и да знаеш и умееш. Светогрдие! Страшно, неприфатливо и погубно за Македонскиот народ и единствен консензус со Албанците, кои тоа нема да го дозволат, па, ако треба, ќе се вратат во старата коалиција, која не сака да ги возбудува граѓаните со вистината и реалноста, туку да ги храни со светоста на јавниот театар, сензација и политичко воаерство, појачано со куршуми „праведници“, за внатрепартиски регулации и опомена за демократските битанги, кои мислат дека, во Македонија, мафија нема оти нема доволно пари, а всушност, има премногу пари за да има мафија.

Видовте, нема возбуда. Од ДУИ друго и не очекуваме, па и не се возбудуваме, претставата е веќе гледана, секретите мирни и непредизвикани.

Седми наслов, заради непарна православна ритмика

И оставките не се многу театрални и хистерични, по својата бит, па, кого го заболе за тоа. Еднаш тој театар го поминавме со Лешовски и не се потребни и други „жртви“, за да ги заменат со исти такви. Не е проблем. Остави тоа децата да серуцкаат, оти некој може да праша за сериозни работи, па, да се расплаче сиот тој пиар.

Ете, затоа овие издајници нема да успеат. Да живееееее Македонијаааааа.

Коментари

Коментари

Реклама