Едукативно-забавен портал на Град Прилеп

10bez10.com

33°

Временска прогноза

33° 25°23.08 / Пет
30° 22°24.08 / Саб
30° 19°25.08 / Нед
28° 18°26.08 / Пон
26° 18°27.08 / Вто
25° 20°28.08 / Сре
27° 19°29.08 / Чет

Банкометар

Банкометар

10bez10.com

Содржина

Содржина

На десницата на Балканот ѝ беше дадена задачата да ги решава етничко-националните теми т.е. проблемите во самите држави (или со соседите) поврзани со етникумот или нацијата, а понекогаш и двете. Од друга страна, централната левица и централната десница, многу не се разликуваат ако се направи пресек на погледите на нивното членство кон етничката група или држава која е непријател на „нашата“.

За (името и) историската улога која левицата мора да ја одигра бидејќи нема кој друг - колумна на Горан Талески - goran taleski

 

Па така, во таа ситуација кога на власт беше (и уште е) партијата на Вучиќ во Србија, Ратко Младиќ и Радован Караџиќ беа уапсени од страна на полицијата. Вучиќ, заедно со социјалистите на Дачиќ (онаа иста Коалиција од 1998-1999 за време на војната во Косово) треба да го решаваат Косово заедно со воениот двоец на Тачи (претседател) и Харадинај (премиер).

Доколку и договорат нешто, сите тие полесно ќе го продадат Договорот во своите држави, отколку на власт да беа Демократскиот Сојуз на Косово и Демократската партија во Србија. Во таков случај, истите тие: Вучиќ, Дачиќ, Тачи, Харадинај, при ист тој договор, ќе ги пламнеа граѓаните во овие две земји. Или барем така вели теоријата. Не сум убеден дека тоа ќе успее. И во Македонија беше слична ситуација.

Брачната двојка ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја имаа таа задача. Со јасен мандат и чиста победа во 2008 година, нивната задача пред да одиме поблиску до ЕУ беше да ги решат внатрешно етничките прашања со целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор и решавање на спорот со Грција за името на нашата земја. Ништо од ова не направија.

Сепак, успеаја да ги обединат прогресивните сили кај Македонците/ките и Албанците/ките, кои се зафатија со туркање на таа Влада во заеднички фронт, со луѓе кои го носеа својот етнички идентитет и немаа проблем да соработуваат со другиот етникум за подобро утре на сите нас.

Голема заслуга за тоа има и сегашниот премиер, тогашен лидер на опозицијата, Зоран Заев и неговиот топол и лишен од флоскули (смртни стравови) пристап кон етничкиот идентитет.

Која спротивност е тоа во пристапот на СДСМ која во 2013 година коалицираше со ВМРО-ДПМНЕ во Струга и во Кичево против Албанците, т.е. како што рече Бранко тогаш, тоа го барало членството во тие општини. И да го повторам тоа од претходно, кога се работи за етничко-националните теми, нема многу голема разлика помеѓу просечниот гласач/ка на централната левица и централната десница.

Можеби е подобро да се каже дека немаше и дека тоа се менува. Што сакам да кажам со ова? Па, се согласувам со написот на професорот Спасов во врска со трите гледања за македонскиот идентитет објавен во Независен весник (http://nezavisen.mk/mk/vesti/2018/01/14960/).

Накратко, првата е „бугарската“ верзија каде што македонскиот идентитет е од 1937 па наваму, втората е дека македонскиот народ е дел од словенската група на народи и неговата борба за слобода кулминира со победата во Втората светска војна и воспоставувањето на македонската држава и третата дека денешните Македонци се со античко потекло.

Непотребно е да се каже дека се согласувам со второто гледање за идентитетот на денешните Македонци. Но она што го забележува проф. Спасов (за втората варијанта) е дека Македонија како држава ќе сме ја немале или ќе сме ја изгубеле без заедничката борба со Србија, а потоа и заедничката одбрана од Албанците.

Ова сметам дека е точно поставена теза на кој начин се трансформираше македонскиот етнички идентитет (а и сите други етнички идентитети на јужнословенските народи) во периодот 1945-1990 т.е. од целосна сигурност во победата по војната, до постепено реал-социјалистичко десничарење и играње со етнички оган и произведување на внатрешни и надворешни непријатели - како што во тој период беа претставувани Албанците.

Е тоа поимање на таа реал-социјалистичка левица во ликот на Сојузот на комунисти на Македонија, премина и на СДСМ (како Бранковизам, ако можам така да го наречам), а метастазира во поимањето на Македонија кај ВМРО-ДПМНЕ. Недовербата кон Албанците и Албанките е градена и негувана со децении и е влезена како дел од етничкиот идентитет на Македонците.

Тоа, истовремено е и една од најголемите битки кои Зоран Заев мора да ги води: внатрешни промени во партијата во поимањето на македонскиот етнички идентитет и негово доживување со сигурност и опуштеност, а не со грч и стушеност во исчекување на наредниот напад од внатрешниот (Албанците) и надворешниот (сите околни земји) непријател.

Ова не е само кај нас. Владите на Рачан и Милановиќ (СДП) во Хрватска и Ѓинѓиќ, Живковиќ и Тадиќ (ДС) во Србија се однесуваа на ист начин и одеа од неуспех во неуспех, никогаш не останувајќи на власт повеќе од 4 години. Реформата на централната левица на Балканот е клуч за напредок. Ѓинѓиќ имаше желба за тоа, но премалку беше на власт.

Другите централно левичари до Заев, не беа ниту блиску до промената за која зборувам. Да се префрлиме на Грција. Ципрас е модерен левичар чие гласачко тело е во поголем дел составено од поранешните гласачи на ПАСОК.

Навреме расчисти со екстремните левичарски тенденции во еден дел од Сириза (која во старт беше коалиција на леви, екстремно леви и еколошки партии) со цел да успее Грција да ја изведе од кризата, а без работа да не остане огромен дел од државната администрација. Ќе беше многу полесно да кренеше раце, да се поставеше како боксер во ринг наоружан со реторика од типот: „со капиталистичките профитери не преговараме“, „не дотеравте до питачки стап, што сакате уште“, „смрт за светскиот неолиберализам“, „no pasaran“ - и секако дека би бил во право, но тоа нема да обезбеди плата за администрацијата, ниту пензии, ниту ќе ги задоволи сите други потреби за еден систем да функционира.

Луѓето во Грција немаа желба да бидат јадро на новата светска револуција, туку сакаа да продолжат со животот побезболно колку што се може. Уште повеќе, Ципрас е атеист во земја каде поповите се државни службеници и прв премиер на Грција кој не ја положи заклетвата пред поглаварот на Грчката православна црква. И со право.

Сите премиери, вклучително и оние од воените хунти, полагале заклетва пред поглаварот на ГПЦ, па поглаварите ги благословувале. Исправно од Ципрас што не се нареди во истиот ред. Тука е и разликата помеѓу Ципрас и неговата Сириза во однос на ПАСОК и Папандреу кои одлично влегуваат во калапот на централно левичарски партии за кои претходно зборував.

И конечно да стигнам до историската улога која тука треба да се одигра, а тоа е решавањето на спорот за името на нашата земја - помеѓу Македонија и Грција. Само храбри левичари (или централно левичари во случајов), може да го решат спорот.

Засега во Македонија политичката дискусија е на завидно ниво. Нема урлање и викање, нема протести, опозицијата е тивка и со поддршка за решавање на спорот бидејќи ѝ одговара решение за спорот, МПЦ е тивка и не долева масло на огнот (секоја чест за нив), само 20 души протестираа пред Собрание (и тоа не за оваа тема), поддршка од албанските партии и активна вклученост на ДУИ во процесот, а притоа разбирајќи преку сопствените етнички позиции дека за идентитетот не се преговара.

Во Грција, отпорот кон Сириза и Ципрас е поголем и од повеќе страни: Независни Грци кои му седат во владата, Нова Демократија, Златна зора и секако тука е ГПЦ како можеби најнезгоден непријател од сите овие.

Не можев да се изначудам на протестите на грчките попови и владици против користењето на зборот Македонија во името на нашата земја, не можев да се изначудам на поддршката на ГПЦ за протестот во Атина, не го очекував тоа од браќата по вера, дел од Едната Соборна и Екуменска Црква. Како што прашува владиката Пимен од МПЦ: „Ќе стоите ли и на портите на Рајот ако Господ Бог одлучи да нè прими во Царството Небесно, како денес што стоите на Синтагма и не нè сакате во ЕУ?“

Главниот проблем е позицијата на жртва за кој претходно зборував. Со таа позиција ќе треба да се изборат Заев и Ципрас - кај нас тука и во Грција. Ја имаат историската можност да се запишат во плејадата левичари на Балканот што ги решавале проблемите, што биле храбри и одважни во дадениот момент.

А Исус рекол: „Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!“ Ако овие двајца успеат да го решат проблемот, дефинитивно се миротворците за кои зборува Христос. Во она што сум сигурен е дека ќе им треба поддршката од сите нас. Бидејќи се работи за сегашноста и иднината на сите нас!

Коментари

Коментари

Реклама