Едукативно-забавен портал на Град Прилеп

10bez10.com

20°

Временска прогноза

20° 20°19.08 / Нед
28° 19°20.08 / Пон
25° 18°21.08 / Вто
26° 20°22.08 / Сре
27° 16°23.08 / Чет
28° 16°24.08 / Пет
26° 16°25.08 / Саб

Банкометар

Банкометар

10bez10.com

Содржина

Содржина

Ние сме многу „препичен“ народ. Се препичуваме од работа, од чесност, од „од на мрава негазење“, од патриотизам – посебно. Од гостопримство? Нема втор народ како нас препичени од гостољубивост. Препичени сме од домашни „женски“ и „машки“ работи, од овоштарници, бавчи, викендици, од хобијата, кои ни носат „по некој денар“, од мислење за семејството, за иднината, за градот, нацијата, името, меѓучовечките односи... оти цело општество да ти било дебилно, освен нас, соговорникот и пецевци.

kolumni na aleksandar cvetkoski

Ами другите работи? Да свариш ракија, да туриш вино, да заколеш прасе на село, да го дујдисаш за во замрзнувач, да направиш зимница, да појдеш до пчелите, да ја измиеш колата во паркчето, кучето да го нараниш, а пред тоа да појдеш до кафеана, коски да земеш. Душа е и тоа. Си го зел, ќе го раниш. Ами без куче, крадци ко да си викаш. Со сите деца си игра на улица. Многу го сакаат. Да имам време јас ќе го шетам, ама немам, па го пуштам да прошета само, да си поигра со дечињата. Душичка. Главно е во цело мало. Расно е питбулче. Сите кучиња ги дави.

И децата ни се препичени од учење, од успеси, од одење на спорт, од резултати на сите страни. Златни ми се дечињата, послушни, разбрани, а не како сите останти ѓубриња и невоспитани. Не, не твоите и не од пецевци. Другите.

Златниот мој, само шеснаесет години има, а да го видиш како ја вози колата, ако нерегистрирана. Ќерка ми? Капка. Да ја видиш само. Како кралица е. Некни си купи сама и патики од шес илјади и чизми од седум и палто од петнаесет, а да го видиш ланчето, обетките и прстенот, ќе откршиш. Цели триесет илјади, ама душава ми е полна кога ќе ја видам. Да ѝ го видиш фејсбукот, ќе завидуваш. Ама... се препичува од работа за петнаесет илјади. Срамота со ова газдиве. Си им пратил факултетлијка, а тие само петнаесет илјади ја плаќаат, а кутрата работи и двократно и трократно. Дури и ноќе ја викаат кога ќе им дојдат некои странци, оти само таа знае да им преведе. Ама што да правиш. Тие капалат пари, а детето ми се препичува заради тоа.

Мора да се внимава, ами како. Ние дрва не купуваме кога се по педесет евра кубик, туку во пролет, од „луѓе“, кои ги даваат поевтино. Што ако сме во стан? Нема да им се срози розата на возачите ако малку почекаат додека ги исечеме и складираме на тераса и во визба, а и онака немаме чистачка, оти никој не плаќа, туку си чистиме сами – секој пред себе. Сами, ами како. Јас да им плаќам на аргати и чистачки? Јас за поправка на лифтот не давам, па за чистачка. Затоа, сами сѐ си работиме, оти економија треба, а не расипништво. Сме малку препичени од работа, ама „данас је оскудација“. Сѐ од алат имам: и за водовод и за струја и за дрводелство, за редење плочки, ама сѐ. Цел вешерај ми е пол со алат и делчиња за поправка. Не само дома што поправам, туку и на други им правам услуга, а и по некој денар паѓа.

Да не ми е лесна државнава работата, никогаш не би стасал. Тука Господ ме сакал, и мене и жена ми. И таа има лесна државна работа, па ѝ останува време и на други да им води книговодство. Инаку? Ниту станови ќе купевме за децата, ниту сегашниов ќе го исплатевме, ниту коли, ниту викендици.

Најважно е да бидеш смешан со луѓето. Мене нема кој не ме знае, да добројам не можам во колку куќи сум влегол и сум им помогнал. Од Господ е што ми дал дарбина, а’кл и ват. Колку само од овие функционериве ми се муштерии, леле. Било затнато, прегорено, протекло, се оштетило... Само вртат телефонот и работата е завршена. Нема ниту да ме видат, оти си одат на работа.

Затоа, мене ми се сите врати отворени. Еве, сега и ќерката ќе ја вработам „на државно“, а не таму да работи за петнаесет илјади. Ама, препичување, од утро, до мрак. На работа кафето не можам да го испијам наутро, од повици. И жена ми има толку многу работа, што не стасува да сработи за установата. Само за приватната фирма од директорот со саати работи. И тој е домаќин човек, да е жив и здрав.

Тоа е. Што да правиш кога цел живот со пот мораш да го поминеш. Око човечко сѐ сака, ама треба да се има морал и да се живее скромно, со пот.

Гледаш како другите земаат по пет партиски книшки, сѐ за пусто муфте. Ние само со по една книшка и никогаш немаме менето. Дали краделе, дали пустеле, нас не нѐ занима, наши се наши. Јас услуги од партијата не заборавам. Другите да не се подобри? Очите ги испотија од лакомост. Тие со очите работат, а од мишките плачат, ѓоа се препичиле од работа. Не знаат тие ни што е работа. Да ги земам со мене, да ги качам на кровот од зградата, насред зима, кај што ми стоји тоа белата техника за делови, да извадат некој дел за поправка, па да ги видам. Многу се препичиле, оти ја продаваат државата, но неиси, не правев муабет за тоа.

Ни за работа, ни за уживање. Ќе ми пиеле коктели? Мене одмор ми се гулапчињата на зградата, зајачињата и коковчињата. Ги имам сместено во празни школки од машини за перење, како кралеви живеат. Да си галиш зајаче и да ги гледаш гулапчињата како летаат... умот ти се ослободува и ти доаѓаат нови идеи, а долу гледаш кој влегува, кој излегува од зградата, кој – што прави. Јас сум по законот и ако видам дека некој погани, малверзира или ја краде државата, одма го пријавувам. Во полиција ме знаат мене дека сум секогаш за закон и за соработка со полицијата.

Коментари

Коментари

Реклама