Едукативно-забавен портал на Град Прилеп

10bez10.com

Временска прогноза

12.12 / Чет
13.12 / Пет
14.12 / Саб
15.12 / Нед
16.12 / Пон
17.12 / Вто
10° 18.12 / Сре

Банкометар

Банкометар

10bez10.com

Содржина

Содржина

Уште во старт да расчистиме една работа. Се согласувам дека беше потребно да се донесат измени во законот за употреба на јазиците, преку кои ќе се зголеми користењето на албанскиот јазик (единствениот јазик кој освен македонскиот, го зборува над 20% од населението). Таа потреба ја сфатив низ разговор со мои пријатели и/или познаници Албанци и Албанки кои ми предочуваа ситуациите каде е особено значајно да се прошири употребата на албанскиот јазик.

За законот за употреба на јазиците - колумна на Горан Талески - goran taleski

Така на пример, до носењето на овој закон секое судско рочиште, независно што можеби во судската сала нема ниту еден Македонец (судија Албанец/ка, администрација Албанци/Албанки, странки Албанци/ки), целиот спор се води на македонски јазик. Ова е особено незгодно кога се работи за ситуации како судски спорови каде секој изречен збор има правни последици, па замислете кое олеснување е новиот закон во овој правец. Ова е само еден пример за кој зборувам. Можеби сметам дека некои негови аспекти можеле да бидат посреќно решени, но Законот го поддржувам и сметам дека е добро што го имаме. Е сега, што е тоа што сметам дека во целиот овој процес беше лошо.

Носењето на законот е уцена. Не треба многу мозок за да ни е јасно дека законот е дел од наплатата на ДУИ за учество во владата или барем така е оставено да изгледа. ДУИ, кои од 2008 година во континуитет владееја во Македонија, заедно со нивните брачни другари и другарки од ВМРО-ДПМНЕ, наеднаш им стана битно да се донесе овој закон. И ова не е нова практика на ДУИ. Го гледавме и во минатото, одма по избори се носи некој закон кој чисто и јасно може да се додаде во портфолиото, силно трудејќи сè сите да сфатат дека законот се носи под нивни диктат. На ова се надоврзува и следната точка.

СДСМ во дефанзива. Зошто? Не смееше да се дозволи носењето на овој закон да биде дел од договорот за нова Влада како диктат на ДУИ. Законот требаше да се донеси затоа што го подобрува и олеснува животот на голем број граѓани на Република Македонија, а истовремено не ги влошува условите на живот на останатите. Имајќи го предвид успехот на СДСМ кај гласачите Албанци и Албанки на последните парламентарни (па и локални) избори, СДСМ требаше овој закон да го турка како свој или во најмала рака, како заеднички проект на Владата. Вака, СДСМ е во медиумска дефанзива и се однесува како СДСМ во времето на Бранко или ВМРО-ДПМНЕ кога беа на власт: срамејќи сè што го изгласале законот, притоа потсетувајќи нè што се изгласал политичкиот противник од македонскиот блок во минатото за Албанците. Само што кога е ВМРО-ДПМНЕ во прашање, тоа лесно може да го покрие со својата националистичка реторика т.е. дека тоа го прават за да им се тргнат ДУИ од главата до наредните избори за да можат нешто да направат за државата.

Ова е толку погрешно, што не знам од каде да почнам. СДСМ мораше да најди начин носењето на овој закон да биде дел од својата Агенда. Бидејќи така и е. Видете го говорот на премиерот Заев пред албанската дијаспора (што само по себе е излегување од сите форми на однесување на партиските лидери на Балканот). Кој тоа црн манипулант го убедил подоцна дека не треба да се гордее со овој закон, не знам, но дека згрешил, тоа е јасно. Уште повеќе, целото носење на Законот беше водено од кадри на ДУИ. Тоа никако не можам да го разберам. Освен дека некој во СДСМ проценил дека треба да се однесуваме како ВМРО кога се носат закони кои можат да се доживеат како контроверзни помеѓу Македонците.

Носењето на овој закон, на овој начин, нема да придонеси кон изградба на едно општество во Македонија. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е политички носител на мултиетничкиот пристап во Р. Македонија. Ова е од суштинско значење за опстанокот на РМ, за нејзиниот просперитет, за нејзината иднина. Истовремено, тоа е од клучно значење и за самата партија од истите причини како и за државата. СДСМ како етничка македонска партија нема иднина. СДСМ како партија од левиот центар со граѓани и граѓанки од сите етнички групи, е иднина на РМ.

Сега живееме во една држава со две етнички дефинирани општества кои живеат паралелни едно со друго. Тоа не е здраво и во превод значи дека меѓусебната комуникација не е на ниво на споделување на нашите потреби, болки и предизвици, туку на тоа какво е времето денес. Начинот на кој се донесе законот само ја зајакнува поделбата, а тоа никако не оди на добро за СДСМ. Тоа ѝ оди во прилог само на ДУИ кои се столб на принципот на една држава, две општества т.е. принципот на целосна поделеност. А ДУИ тука се во улога на движење (ослободително според Ахмети). Се сеќавате кој друг се претставуваше дека е движење, а не партија? ВМРО-ДПМНЕ.

Законот лажно се претстави како закон значаен за нашите ЕУ аспирации, за да се скрати времето за негово донесување (со европско знаменце во предлогот). Уште една будалштина. „Со лага, ага не бидува“, вели народната поговорка, па не ми е јасно зошто животот на овој закон некој/и одлучи/ја да го почне/почнат со лага. Кога сме тука, сметам дека за вака важен закон требаше да се развие посеопфатна и подолга јавна расправа. Вака, јавната расправа се сведе на форма која се задоволи, а не на можност за суштинско подобрување на законот.

Носењето на законот се прослави триумфалистички. Повеќе мои пријатели или познаници, Албанци и Албанки, го прославија носењето на законот на социјалните медиуми преку постирање на честитки со силна победоносна нота (исто така е точно дека дел мои пријатели Албанци и Албанки не го поддржаа начинот на кој беше донесен овој закон). Овој триумфализам го доживувам како прослава на победа над Македонците, а не како поддршка за јакнење на капацитетите на државата за да одговори на потребите на граѓаните (што е суштина на законот). Ако Македонците го доживуваат овој закон како пораз, неговата имплементација нема да оди лесно. Ќе оди тешко и мачно. Триумфализмот тука не помага, туку одмага. Поддршката на овој закон од страна на Македонците е значајно да се постигне. А тоа не може да го стори СДСМ сам од себе (дури и да се трудеа), туку, да повторам: потребна е поддршка од Албанците и Албанките на тој начин што нема да го прослават носењето на овој закон како победа над другите.

Реакциите на професори од Институт за македонски јазик се главни вести. Законот никако не му наштетува на македонскиот јазик. Тоа не го велат ниту професорите, ниту професорките. Тие се бунат за намалувањето на неговата политичка и практична доминација во Македонија. Целта на постоењето на Институтот е дадена на нивната веб страна: „Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ е основан во 1953 год., со цел сестрано да го проучува македонскиот јазик, да ги поттикнува творечките потфати во таа област и да се грижи за усовршување на научните и на стручните работници во него.“ Па, не знам на кој начин носењето на овој закон е во спротивност со она што е мисија на Институтот. Но, некако овие професори и професорки добија лавовски дел од медиумската присутност. Непотребно. Луѓето на институтот работат одлична работа, минатите години го завршија издавањето на толковниот речник на македонскиот јазик (прв таков во историјата на македонскиот јазик), го издадоа новиот Правопис на македонскиот јазик (прв после 1970 година) и несомнено работат на унапредување на македонскиот јазик. Но, во овој случај некои од нив непотребно удрија по законот. Сметам дека ова се случи заради лошиот процес на јавна расправа, за кој веќе реков дека не беше добар.

 

За крај. Законот е тука. Како ќе оди примената, ќе видиме веќе оваа година. Она што не знам, ниту можам да предвидам е дали во временска дистанца од денес, начинот на кој што беше донесен овој закон ќе биде и негов најголем хендикеп, а не неговата содржина. 

Коментари

Коментари

Реклама