Едукативно-забавен портал на Град Прилеп

10bez10.com

Временска прогноза

21.11 / Сре
22.11 / Чет
23.11 / Пет
24.11 / Саб
25.11 / Нед
10° 26.11 / Пон
27.11 / Вто

Банкометар

Банкометар

10bez10.com

Содржина

Содржина

Како со Макавеите, по почетокот се познава годината. Така, годинава ќе биде пресудна оти ќе има многу судски пресуди. Со тоа, ќе биде и процесоидна, а впечатокот беше зајакнат и со бадниковата процесија. Од причина што судските процеси ќе преминуваат од година во година (ќе бидат мачни и долги), годинава ќе биде и преодна. Значи, сѐ тече, сѐ се менува – ако се заебаваме. Единствено што тече е ритуалот, тој преубав страв од мислење, способност и креативност, на кој се налепени ритуално сомнителни типови.

kolumni na aleksandar cvetkoski

Исполнета е уште една ставка на ритуалната циклична вечност, ние сме во новата година, величина, која не би требало да значи ништо, освен, уште еден „значаен датум“ во нашата збунетост и работа за компјутерските часовници. Да сѝ честитаме дека преживеавме уште една година и да се подумаме што тоа имаме да сѝ честитаме? Лаконскиот рефрен на Бора Чорба „биче боље, неко виче“, е мошне пригоден.

Но, ориентацијата во времето, просторот и социумот на кутрото човечко суштество е тешка задача за разумот, иако еволуцијата потрошила милијарди години за тоа да го постигне. Ебати еволуцијата. Гледам во огледало и потврдувам: Навистина ебати. Современиот манипулативен ритуал „навистина воскресе“, дали од мрзливост да се мисли, дали од помодарство, дали како бегство од слободата. Евтината гордост премина во „деца за изнајмување“ и „јеби га, јас сум роден ваков, со што се правдаш ти“, освен со „јеби га, така испадна“. 

Точно е дека сите ние би биле изгубени без тој сеприсутен ритуал. Утринско кафе, за да ја поставиме првата граница на денот, канонски погрешно насочен утрински разговор со партнерот/партнерката, за обврските, кои сами – по себе се подразбираат, мерењето на значењето на денот, за да се избере соодветна облека, седнување в’кола за да ги поминеме двата километри до работа, хамлетовска попатна дилема: „кифла или бурек, прашање е сега“, утрински зајадлив разговор со колегите „уз кафу“, со хиерархиски алузии... Така и лани, ломнани, и со години наназад, само што, некогаш, ритуалите ги правеше млад човек, а сега „зрел“, на прагот на традиционално сфатената старост. И друго: некогаш ритуалите беа приватна паганска работа, а сега „ги води“ црквата, како богоугодни дела. Не е црквата пуст остров и таму е полно со надобудни и „проактивни“ типови, на кои не им тежи мозокот. „Да не е подобро во болниците“, би ви вратил отецот.

Со социјалната ориентација работата е уште позаебана. Не би го издржале денот без купче седативни митови, кои ги подредуваат големите игри и личната улога во нив, во една наизглед кохерентна целина, во која и ние постоиме, со улога, место и надежи. Не сме ние само име и презиме, ние нешто значиме, а „ќе значиме уште повеќе“ – вели наивната Пандора. Имаме и факти за тоа, имаме себична цел, имаме семеен план, сме презеле „активности“ (па, нели го пуштив детето на Бадникова поворка?). Така, синџирот на случајности станува синџир на социјална стратификација, па, ги анализираме случајностите како показателите на иднината, во смисол на потенцијал. Тоа партиите и црквата го знаат и нѐ чекаат, за да ни организираат „поворка“, односно „настан“.
Инаку, Бадникови поворки не постојат на овие простори и ритуално се косат со смисолот на обичајот „Бадник“, затоа што, не се оди на гости, не се организираат никакви колективни активности и сѐ останува дома? Етнологијата не забележала поинаков случај, а црквата, во минатото, не признавала никаков ритуал, освен црковниот – прецизно опишан во нивните требници.

Со знаењето немаме проблем, иако не читаме многу, но, што да се прави кога природата дала интелигентни и дудуци, кои мораат да прочитаат, наместо да „намирисаат“. Знаеме ние дека е најдобро да сме родени со к’смет, да му помагаме на к’сметот, оти „од пишаното не се бега“, а нашата „интервенција“ е пишување по маргините на „пишаното“. Македонците/ките во ова веруваат, но немаат долна граница, кога треба да се „помогне на к’сметот“, кога, скоро ритуално, „гаќите сами паѓаат“. Кога е к’сметот во прашање, главно правило е да се искористи секоја прилика, оти „кој знае кај ни е среќата“. Овие коренито спротивставени ставови (верски фатализам и протестантски прагматизам), во македонската глава се помирени, на штета на поимниот апарат, што доведува до потполна морална и социјална дезориентација. Така, „кучињата си лаат“ (да пишуваат сеуште не научиле), караваните, ритуално, станале бадникови поворки и главно, поминуваат. Ритуал е ритуал, па нека е и толку дефектен – како што беше. 

Дали имало злоупотреби на дечињата, естетски колапс, смисловен карамбул, отворен евхаристички ерес на слабоученото, но, златоусто свештенство, кому му е гајле. Тие се, едноставно, такви, а со што се правдаме ние, што сме влетале во таа црковна перверзија? Дали од цела социјална ориентација нѝ остана само тоа дека сме Православни? Каде се виде тоа од литијата, накалемена на некаква непозната иконографија? Јаки Православци, кои го уништуваат православниот идиом. 
Наречи ја перверзијата „ритуал“ и сѐ е на место. И порано, бадникарските кумови станаа популарни до бесвест, иако се само нов и јаден изум на аздисаните богаташи, кои пластичните цвеќиња ги заменија со „бадникови гранчиња“ (само Бог знае што се тоа „бадникови е...и гранчиња“). Ритуалот е „мајка“. Сега, наместо маалски детски поворки од коледарчиња (бадникарчиња не се измислени досега, освен во редакција на нашата црква), имаме црковен ритуал, кој „мама“ го помешала со селска литија (магиско опкружување на селото). Па, не може црквата да најде секогаш самопрочистени икони и кип на Богородица, кој плаче, оти мајсторите слабо го покриле кровот. Кому му е гајле за смисолот и генезата, кога „мајката“ црква има потреби. Црквата, повторно, овој семеен култ го „осовремени“ и му вдахна нов живот. Како Квазимодо - само пушти му струја на ритуалното мртвороденче. 

Смисолот на бадникот е строго семеен, а секој јавен аспект е, најмалку, непристоен. Тоа е прастар култ, во кој централно место има дрвото „бадник“ (бадникови гранчиња се исто како на Света Јулија да ѝ ставиш чипкаст долен веш), кој го претставува Бог. Организираните поворки, блосоењето и „полазувањето“, се коледарски, а не бадникарски работи. Времето на одвивање се „некрстените денови“, кои биле поврзани со божицата Митра, која се слави со ласцивно однесување, раскалашеност, ритуално пиење и сите видови неморал, иако ние Словените имаме и постар: „Колед“. Во словенската митологија, нашите предци се со нас во тоа време, се „кријат“ во пци, ореови и други „сеновити“ дрвја, а тука се да ни помогнат во плодењето и повторната реинкарнација на природата (страв дека една година сонцето нема да се појави, заради нашите гревови). 

Значи, не се само деновите „некрстени“, туку нѐ има многу такви, кои се правдаме дека сме родени такви, што не знаеме да прашаме: „за кој к.р“ ова поворкава, кога никогаш ја немало, заради што сиот овој општ бессмисол, помодарство, неукост, безобразилук и недостаток на интегритет? Чуму оваа нова масовна култура, која е на граница на малоумност и аздисаност? 
Кого и како блосоеја коледарчињата, од снимката не беше видливо, но и тие ќе се плодат, еден ден, веројатно во странство. Ќе мораат кутрите, оти нивните родители се правдаат дека сѐ родени такви и ги пуштаат децата на непостоечки поворки „за секој случај“, но не разбираат дека и тоа е „социјална ориентација“ на децата, која од Македончиња, ќе направат некој хибрид, некаков нов етничко – етички Квазимодо. Размислувањето „за секој случај“ ги полнеше улиците со контрадемонстранти, а сега не демонстрираат „за секој случај“. „За секој случај“ менуваме долен веш, кога одиме на забар или по повеќе пати чкрапаме на прекидачот, кога е светилката прегорена. Нема да светне, „но за секој случај“.

Дотогаш, наместо традиционалната, ласцивна и весела Кумановска „Матен Вардар дотече, кошој п..ки донесе“, со која се слави вистинската причина за „реинкарнацијата“ (сексот, де), која го претставува вистинскиот и со десетици илјади години стар и прекрасен комплекс обичаи, кои се и НАШИ, ќе се пее ТУЃАТА „Вечниот Бог“ и ќе се слави „а ла франка“, која Трифуна го направи Свети Валентин, демоните – издлабени тикви, прочкарите – верни купувачи на усраните пластични маски, а коледето – бадник. 
Неукоста и злата намера мора да ги видиме и преоцениме, оти ритуалот, а не црквата, го сочувал нашиот етнос. Тој има невидено силна ориентациона и воспитна улога. Тој, иако силно нападнат од масовната култура и недугавите „планери“, во наша македонска редакција, (засега) скоро потполно чист и незагаден со контаминати, има непроценливо вредна улога во формирањето на личниот код на детето, а кодирањето е „предсвесно“ – ниво под егото, и има влијание дури и на сексуалната ориентација на единката, естетиката на сексуалната реторика и чин, односно, го ориентира детето во вистинската социјална стратификација, систем на вредности, ниво на естетика, прогресивна кинезија, предствесно им ги „предава“ проверените модели на посакувана личност, избор на партнер/ка и многу друго. Да не е така, човечкиот род не би преживеал, со штурите информации на предписменото општество. 

Заради тоа, не смееме да заборавиме дека имаме обврски, и да не бараме рационализирачки оправдувањата за сопствениот кукавичлук пред некакви си власти, па дури и да се црковни. Незадоволството и бесот се драгоцена валута на јавниот морал и социјалната ориентација. Видете го Тричко, како му дозволува на својот бес да избликне, точно заради тоа што знае дека е тоа бес на праведниот и излегува од „длабок бунар“, а не од плитката суетата да се биде најпаметен. Затоа, на крајот од приказната, тој е секогаш во право. Сомнителните „ивенти“ мораме да ги пропуштиме низ нашето неодобрување и бес, точно заради тоа што бесот го придвижува истото она предсвесно ниво – каде што е кодиран и митот, естетиката, етиката. Тоа е она исто ниво во нашите души, кои „помогнале“ при избор на брачниот другар, кое одлучува каква кола ќе купиме, каков тепих, како да ги воспитаме децата, како дознаваме дека „нешто не е во ред“.

На тој начин, ќе престанеме со „пригодни“ лаги, „за со некого да не се замериме“, ќе сватиме дека социјалната, етничката и етичката ориентација се наша, а не грижа на црквата (посебно не – нејзина), оти „овде има нешто повеќе“ отколку невин, макар глупав, настан. 

Јас нема да се правдам и ме заболе каков/каква си ти роден/а, само немој повеќе тоа да го правиш, барем не со моите деца, „за секој случај“, за да не ме видиш побеснет. 

Коментари

Коментари

Реклама