Едукативно-забавен портал на Град Прилеп

10bez10.com

17°

Временска прогноза

17° 19°21.05 / Пон
19° 14°22.05 / Вто
20° 14°23.05 / Сре
18° 13°24.05 / Чет
23° 13°25.05 / Пет
23° 13°26.05 / Саб
25° 15°27.05 / Нед

Банкометар

Банкометар

10bez10.com

Содржина

Содржина

Карабдалиците беа претходнички на Фејсбукот. Припрости, средновечни, невработени жени, се декларираа како „домаќинки“, за да направат дистинкција од „вработените“, кои „не биле за машала“ - од морална гледна точка.

Курири - Карабдалици - колумна на Александар Цветковски  - kolumni na aleksandar cvetkoski

Тие секојдневно седеа пред куќа на каменот и не чекаа настани, туку ги измислуваа. Понекогаш тие беа и помлади, но не им се гледаше младоста од дебелината, од смешните „роби“ (домашни фустани), кои ги носеа – секогаш маслосани. Мрзливи, анксиозни, животно повредени од сопствениот став, негативни до срж, расипани заради самоодбрана и потполно убедени дека животот е ропство, дека лек од него е продавањето евтин морал и дека дневната доза пакост е причина за да станат од кревет.

Такви беа тие познати прилепски карабдалици, чиј дух не е загубен, туку само унапреден со вемерето, како поради сличноста на духот, така и поради гнасотијата, која мораат да ја скријат со „дневни соопштенија“. А дневни соопштенија – колку сакаш.

За да разликуваш карабдалица од портпарол, мораш да ги гледаш фактите и колку се тие извртени. Карабдалиците и вемереовците од фактите прават попара. За нив не е битно времето (на пример дека СДСМ се само 30 дена на власт), ниту нивното долгогодишно минато (дека тие се задолжуваа по 3 пати на ден, а СДСМ ги враќа нивните долгови), ниту нивните постапки (дека вработуваа партијци и на наместена лотарија), ниту меморијата на слушателот (на пример, дека и Груевски гласаше за СЈО). За нив е битно дека секој факт може да биде извртен до бесвест. Како во курирчето, пренесувач на писанија од Центарот за комуникации - до овој „медиум“.

Основно за нив (и за карабдалиците и за вемереовците и за куририте) е дека шизофрено критикуваа за да докажат дека е светот гнасен и малоумен, за да одбележат дека постојат, за да омаловажат се околу нив, за самите да се почувствуваат почисти. Ако си ја работиш работата како што треба, тогаш си „главно мезе“. Ако се шминка некоја госпоѓа или убаво се облекува, одма ќе и најдат и некаков љубовник. Ако се грижиш дека патот е изграден на свлечиште, поминува низ приватни имоти и што треба да потрошиме уште 100 милиончиња „на гладно срце“, оти на вемерето му се крадело и му се брзало, тогаш за тоа се криви свирачите, а не трудната невеста (СДСМ бил крив што тие краделе). Ако уредно пријавиш што имаш во анкетниот лист – криминалец си, а ако го криеш украденото – чист си. Ако организираш линч во Парламентот, не е некоја вест, туку најважно било да се говори за односите со Бугарија, што платите (поѓомити) каснеле и што „интелигентната“ плавуша говорела за СЈО. Ако партија во земја од 1,5 милиони жители стане најбогата партија во Европа не е сензација, туку требало да размислуваме за зборовите на Колариќ дека таа не знаела како Анѓушев стекнал 28 милиони евра. Сигурно не со крадење и неплаќање данок, оти немало да го пријави тоа во анкетниот лист. Не?

Нема повеќе маслосани роби, туку скапи фустани и шминкање пред фотографирање и прес конференција, платени со наши пари и успешно преминати во џебовите од вемереовците. Останатото е исто: Карабдалица си е карабдалица.

Ајде што никој не ги задеваше на почетокот на мандатот, не 100, туку 700 дена. Ајде што никој и не сакаше да го блати името на историското ВМРО, кое сите ние го чувствувавме како свое (сите освен вемереовците со книшка). Ајде што никој не им рече дека припадниците на ВМРО убиваа Македонци само затоа што добиле наредба, иако знаеја дека убиваат за лична корист на „војводите“ и во корист на бугарската политика и меѓупартиските борби, дека ги „рентаа“ убијците и наплаќаа за тоа (и во Марсеј вемереовците не газеа цвеќиња, нели?), чекаа странски војски со цвеќиња, мачеа партизани, а потоа станаа партизани со цвеќиња на капата, беа сталинисти, а потоа титоисти, живеат во „општествени станови“ – полни пластични цвеќиња, а другите ги нарекуваат „комуњари“, дека напикаа десетици илјади на Голи Оток, но сега ги барале кодошите. Ајде што никој не ги бојкотираше честите и непотребни предвремени парламентарни избори, со смешна надеж дека барем „државата оди напред“, ниту што пописот „не им успеа“ со партиска наредба, ниту што институциите ги облагородија со тотални незналици, што отворија „дисперзирани“ студии на срамот во секое село... Сега заборавија дека цел свет не исмева и критикува за партизираната администрација, која во јазикот на карабдалиците стана „професионална“.

Но, да мора да трпиш секојдневно слушање на најгнасна и најдолна пропаганда е навистина синдром на карабдалици. Вемерето ништо друго не направи освен инсталирање на карабдалици во јавноста. Еден таков видовме при апсењето на Рамковски – ѓоа новинар, па им се отвори фронтот: Секој министер, секој портпарол, секој ТВ водител - карабдалица.

Наместо да „оладат“, сега секој ден имаме нова вемереовска карабдалица. Фрлаат тоа мрсната роба, ја стануваат од камен, ја потсетуваат колку многу се накрадила заради поддршката од вемерето, и го даваат напишаното од центарчето за пакост и право пред камера.

Само... од фаците им се гледа дека ниту тие не веруваат во своите „соопштенија“, а конструкциите ќе мораат да ги пишуваат на тоалетна хартија, која може тоа да го истрпи.

Зарем и земјотресите им ги припишаа на овие новиве?

А камењата од пред куќа, на кои седеа карабдалиците, со или без влакна од долгата локнаста коса на плавушата – ѓоа правник? Отидоа во историјата, а вемерето упорно ги следи, и не им текнува дека не им требаат нови карабдалици, туку реформи. Таква порака курирчето не носи, нели? Не за долго, велат упатените.

Коментари

Коментари

Реклама