Едукативно-забавен портал на Град Прилеп

10bez10.com

Временска прогноза

-7°16.12 / Нед
-3° -3°17.12 / Пон
-3° -5°18.12 / Вто
-3° -11°19.12 / Сре
-1° -9°20.12 / Чет
-2°21.12 / Пет
-11°22.12 / Саб

Банкометар

Банкометар

10bez10.com

Содржина

Содржина

Вчера ја пуштив песната „Црно му било пишано на Александар Турунџев“. Ја постирал комшијата ми кој многу си го ценам („кревко“). И не знаев од кои причини денес повеќе од 10 пати ја преслушав песната.

Турунџе, партизаните и референдумот - колумна на Горан Талески -

Вчера ја пуштив песната „Црно му било пишано на Александар Турунџев“. Ја постирал комшијата ми кој многу си го ценам („кревко“). И не знаев од кои причини денес повеќе од 10 пати ја преслушав песната.

Ја знам песната од поодамна, не ми е нова, се потсетив и на филмот „Нели ти реков“ од 1984 (снимен за него). Турунџев бил опасен фраер: комита, па војвода, бунтовник, борец за слобода, славен илинденец. Ама нема врска, не слушам заради тоа 10 пати иста песна. Она што се пее во песната ме поттикна да направам паралели... Македонија ми значи многу. Пред сè, тука живеам, тука сум се родил, најкомотно се чувствувам тука. 

Си велам, на Турунџе да му понуделе: „Добро е брату, доста се бореше, 16 години војвода, доста е. Се боревте, се изборивте, еве ја државата. Ќе се вика Северна Македонија. Што велиш Турунџе, ќе биди работа?“ - И, што мислите дека Турунџе би одговорил? Што мислите дека би одговорила револуционерната екипа од тоа време: Гоце Делчев, Пере Тошев, Никола Карев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански, Петар Поп Арсов, Ѓорче Петров, Христо Узунов... Одговорот ќе го најдете кај нивните наследници, како внуците на војводата Петар Ацев, Мирче и Вера Ацеви. Одговорот ќе го најдете кај генерацијата партизани чии одреди ги добиваа имињата по илинденската генерација револуционери. А тој според мене е јасен: „Дајте ја државата, па нека биди и Северна“. Зошто го велам тоа? Па, Социјалистичка Република Македонија стана дел од Социјалистичка Југославија во 1944. Не беше самостојна држава, но таа генерација луѓе кои се бореа против фашизмот, за социјални права, се бореа и за ослободување на Македонија. И успеаја. Што требаше да речат: „Или Македонија до Кавала како самостојна држава или ништо?“. Тоа ли требаше да го речат? Требаше да одат на Солун со британска војска таму? Не! И постапија правилно. 

Не се оди со глава в ѕид. Не се оди против светот. Овие 10 дена се истурија еден куп презенти на своите земји во Македонија: од САД (кои нè признаваат под уставно име), од ЕУ комисијата, од Германија, од Холандија, од Австрија, од Албанија, од Косово (можеби и други, тешко се следи). Ние сме мала земја, милион и пол дали останавме. 17 пати имаме помал бруто домашен производ од Грција (ММФ податок). Грција е земја членка на ЕУ и НАТО, има сериозна војска која понекогаш вежба на песни кои се жестоко антимакедонски (антисловенски пред сè). Тежината на договорот со Грција е на ниво на мировен договор. И е од исклучително значење за нас да го имаме. Дали е договорот постигнат на рамноправна основа? Не е. Грција е моќниот преговарач во случајов. Но, договорот ни овозможува да започнеме преговори за ЕУ, да се спастрат нашите институции во тој процес. Сега го правиме тоа заради влез во ЕУ и НАТО, но овој договор и сам по себе ни обезбедува затворање на едно тешко прашање кое ги обременува две соседни земји. Земји со различна моќ, државничка традиција, стратегиско значење. Опасна и моќна земја е Грција. Добро е што се погоди во Грција премиер и партија на власт со кои можеше да се постигни договор. Можеби можеше и подобар договор, но тоа можеби пред 12-13 години. Сега е џабе да се тажиме. Односно, не е џабе. Да не беа лоповско-антиквизаторските години со клептоманија на власт (сега се молкнат по судови цело време), можеби ќе беше подобар договорот.

И да се вратам на Турунџе и на партизаните. Тие знаеле што значи да се живее во дискриминација и обесправено постојано. Се бореле, а партизаните успеале да се изборат. Заедно со целиот прогресивен свет во тоа време. Го погодиле моментот, го слушнале светот на каде оди. Сега ја имаме државата и многумина тоа го сметаат како тоа да е од бога дадено. Не е. Имавме можност културно да се развиваме во топлата прегратка на Социјалистичка Југославија, да се создадат институции кои ја овозможија државноста во 1991. Сега тоа го нема. Сами сме на себе. Тука се генерациите на луѓе кои поминаа добар дел од својот живот во Југославија, а не се помирија дека живеат во мала и меѓународно слаба земја како Македонија. И воспитаа генерации граѓани на Македонија кои мислат дека светот нешто им должи. И ете ја подлогата за антиквизацијата. Спремна беше. Но, реалноста не е таа. Со одлуката на судот во Хаг нема да се придвижиме кон ЕУ, ниту ќе го обезбедиме опстанокот на државата. А тоа ни е клучната задача. Ако жртвата е на мојата лична карта и пасош да стои дека сум од Северна Македонија, нека биди (SO BE IT!)

И за крај, јас не сум за влез во НАТО, никогаш нема да бидам, но секако дека сум за влез во Европската Унија. ЕУ започна како политички проект, како Унија за јаглен и челик, што биле двете основни состојки за производство на оружје во Втора светска војна. Заедничка работа на членките на ЕУ направи револуција на односите во Европа. Никој не зборува за можна војна помеѓу земји членки на ЕУ. Тоа е клубот во кој сакаме да одиме и треба да си дадеме шанса да влеземе во ЕУ. Патот е јасен. Прва станица - успешен референдум. Јас ќе гласам ЗА.

Горан Талески

Коментари

Коментари

Реклама