23.10 / Чет
24.10 / Пет
11° 25.10 / Саб
11° 26.10 / Нед
12° 27.10 / Пон
28.10 / Вто
-1°29.10 / Сре

Да живеам во Прилеп во блиската иднина не верувам дека ќе биде опција – од наесен следните три години ќе ги продолжам на докторски студии во Берлин.


Која е Вашата приказна пред да заминeте од Прилеп

Ме запишаа прво одделение еден месец откако наполнив шест години, и одев секој ден пешки од кај стадионот до Рампо Левката низ тесните улички. Имав еден саат, дигитален, ама не го познавав, само гледав – чим е 6 и нешто, има уште време, а тоа 6:55 – а јас се влечкам, се влечкам...   Активности имаше секакви, а најомилената воопшто досега ми е членството во Фото-Кино Клубот – Прилеп во Народна Техника. Правевме црно-бели фотографии, од сликање до развивање на негативите и фотографиите, во лабораторија знаевме да останеме после часови доцна до вечерите.. Се спремавме за на натпревари, читавме многу стручна литература.. И најважно од се, се дружевме – во фрижидерот со фиксирите и развијачите секогаш имаше и по некој сок, слатки – кој што нашол од дома.

Така и прв пат заминав сама на подолго време надвор од дома, на летната школа по фотографија во с.Горно Врановци, Велешко.

Како го најдовте својот пат за реализација надвор од Македонија

И во основно, и во средно одев во математичка школа и учествував на регионални и државни натпревари по математика и информатика. Кога почнавме да размислуваме за тоа каде ќе продолжуваме после гимназија, јас си мислев дека за математика најдобро би било во Русија, се знае што значи руска школа .  Но не мислев дека тоа навистина може да се оствари, се додека не разбрав за конкурсот од Министерството за образование и наука за студирање во Руската Федерација. Се пријавив, ме примија да учам математика во Русија, но каде – ни рекоа ќе ни кажат кога ќе слетаме во Москва. Мене ме пратија во Ростов на Дон. 

Таму го изучував рускиот јазик, и таму ги завршив додипломските студии по применета математика и информатика, на отсекот за заштита на информации. Во последната година од студирањето се запознав со мојот иден сопруг Стефан, кој е од Скопје и студираше информатика во Санкт-Петербург, и за една година четири-пет пати патував на релација Ростов-Санкт Петербург, по 30 часови во една насока со руските железници.. Потоа се префрлив и продолжив со студирањето во Санкт Петербург, каде и магистрирав оваа година.

Која е Вашата последна слика за Прилеп

Последната слика од Прилеп пред седум години: ми останаа во сеќавање стариот парк кај Ченто, и другиот кај фонтаната со рацете; во сосема поинакви услови сме ги поминувале деновите таму, разликата со сегашноста е огромна, и ми се допаѓа промената. Остана живоста што ја имал Прилеп отсекогаш: чаршијата, плоштадот, седењето на кафе; кога доаѓаат гости во Прилеп се чудат колку многу туристи сме имале – јас викам не се туристи, ова се сите наши, прилепчани.

Би се вратиле ли со позитивни искуства да придонесите во осовременувањето на Прилеп, и дали мислите дека за тоа има поволен амбиент?

Секако, јас и кога се враќам преку лето се споделувам со искуствата што сум ги добила од другите држави, а за некои работи нашите и сами се сеќаваат – најбанален пример е што во Прилеп порано и да сакаше каде да го фрлиш отпадокот, немаше каде. Па влечкај по ташни куп мали книженца  - сега тоа се измени. За осовременувањето, јас лично не знам ни колку тоа е потребно, што се подразбира под тоа? Од моето искуство на живеење во Русија, посебно во Санкт-Петербург последните две години, морам да кажам дека нашиот развој не оди секогаш во насока културна и естетска.

Таму, се што се гради во центарот секогаш  е во склоп на духот што си го зачувал градот од времето, и најчесто станува збор за реставрација на објекти, или изградба на објекти, но такви, какви што претходно постоеле, а биле срушени во социјализмот, втората светска војна и слично. И потоа со гордост кажуваат, оваа зграда е од таа  и таа година, и ваква и ваква е нејзината приказна..

Прилеп има такви знаменитости еден куп – стари куќи, старата чаршија, црно-белите плочки на плоштадот, зградата на АРМ... И во најмала рака од фотографиите кои сведочат за овие објекти, тие можеше да се возобноват и со тоа да се зачува духот на градот. А дека за тоа има поволен амбиент – има сигурно, затоа што и така се гради, обновува, менува – треба само да се размисли во која насока. Затоа што модерното е денес модерно – утре не, а има некои работи кои можат да бидат вечни.

Како гледате на идејата за Вашиот живот во Прилеп во иднина

Да живеам во Прилеп во блиската иднина не верувам дека ќе биде опција – од наесен следните три години ќе ги продолжам на докторски студии во Берлин. Ми недостасуваат зимите во Прилеп, посебно за божиќните празници, и се надевам дека барем сега ќе имам можност да го посетувам Прилеп и во тој период.

Понатаму, секако би сакала моите деца да растат во Прилеп, ако ја зачува слободата, сигурноста, убавиот воздух и вода.. Но колку ќе можам себеси да се реализирам на професионален план тука, тоа е под големо прашање, и можно е тоа да биде одлучно сепак да се остане надвор подолго време. Доколку во Македонија станат потребни и барани кадри со профили како мојот, јас со задоволство би се вратила да го споделувам и надградувам знаењето што го имам од Русија, и она што ќе го добијам од Германија.